11 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПауел: ФЕД очекува намалување на каматните стапки за 0,75 отсто

Пауел: ФЕД очекува намалување на каматните стапки за 0,75 отсто

Луѓето на Федералните резерви кои го одредуваат нивото на каматните стапки очекуваат да ги намалат стапките за околу три четвртини од процент оваа година, изјави претседателот на американската централна банка Џером Пауел.

Пауел за телевизијата Си-Би-Ес изјави дека „речиси сите“ членови на Федералниот комитет за отворен пазар мислат дека американската централна банка во одреден момент оваа година ќе ги намали каматните стапки од сегашното високо ниво од 5,25 до 5,50 проценти, пишува „Фајненшл тајмс“.

Креаторите на каматните стапки во декември најавија дека очекуваат нивно намалување за 75 базични поени. Пауел изјави дека иако новите проекции требаше да бидат објавени до 20 март, „ништо не се случи во меѓувреме што ме тера да мислам дека луѓето значително ќе ги променат своите прогнози“.

„Ако економијата ослабне, би можеле да ги намалиме стапките порано, а можеби и побрзо. Ако инфлацијата се покаже поупорна, тоа би можело да бара од нас да ги намалиме стапките подоцна, а можеби и побавно“, рече Пауел.

Тој рече дека американскиот пазар на труд се уште е многу силен и дека тоа е добра работа што треба да продолжи. Некои претставници на ФЕД изразија загриженост дека силата на пазарот на труд може да доведе до повисок раст на платите и повисоки цени на услугите, што би ја комплицирало задачата на централната банка да ја намали инфлацијата до целта од 2 отсто.

Пауел истакна дека ФЕД гледа на инфлацијата за 12 месеци и дека во првите пет месеци од минатата година инфлацијата била доста висока, што укажува дека намалувањето на каматните стапки ќе започне кон средината на годината.

Американската централна банка ги зголеми трошоците за задолжување за 525 базични поени за само 18 месеци, откако инфлацијата се искачи на највисокото ниво во последните четири децении. Пауел рече дека е „историски невообичаено“ тоа што тие зголемувања на каматните стапки не предизвикаа поостро забавување на економијата или на пазарот на трудот.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП