28 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСветските цени на храната достигнаа најниско ниво во последните 3 години

Светските цени на храната достигнаа најниско ниво во последните 3 години

Индексот на светските цени на Агенцијата за храна на ОН падна во јануари на најниско ниво во последните речиси три години, главно поради пониските цени на житариците и месото.

Индексот на цените на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО), кој ги следи најтргуваните прехранбени артикли во светот, во јануари во просек изнесувал 118,0 поени, што е помалку од 119 поени пријавени во декември, објави организацијата, цитирана од „Reuters“.

Резултатот од јануари беше најнизок од февруари 2021-ва година.

„Меѓународните извозни цени на пченица се намалија во јануари поради силната конкуренција меѓу извозниците и доаѓањето на неодамна собраните култури од земјите од јужната хемисфера“, објави ФАО во својата месечна статистика.

Организацијата додаде дека цените на пченката нагло паднале, што ги одразува подобрите услови за одгледување, почетокот на жетвата во Аргентина и повисоките залихи во САД.

Индексот што ги мери цените на месото падна седми месец по ред, бидејќи големите залихи од врвните извозници ги притиснаа меѓународните цени на свинското, живината и говедското месо.

Во посебен извештај, ФАО соопшти дека светското производство на житни култури во 2023-та година достигнало историски максимум од 2,836 милијарди метрички тони – за 1,2 отсто повеќе од 2022-ра година.

Светското производство на крупни житарки достигна историски максимум од 1,523 милијарди тони по нагорната корекција од 12 милиони тони во овој месец.

„Поголемиот дел од ревизијата ги одразува новите официјални податоци од Канада, континентална Кина, Турција и САД, каде комбинацијата на повисоки приноси и поголеми засадени површини ги зголемија проценките за производството на пченка“, резимира ФАО.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП