Преку проектот на Светската банка за „Модернизација на плаќањата на Западниот Балкан“, во кој учествува Народната банка, како и останатите централни банки од регионот, со натамошна дигитализација и поврзување на земјите од регионот во областа на плаќањата, ќе се работи на олеснување на прекуграничното тргување, зголемување на конкурентноста и намалување на трошоците за меѓународните плаќања, коишто во моментов се повисоки и до шестпати во однос на земјите од ЕУ.
Проектот којшто Светската банка го спроведува во соработка со Регионалниот совет за соработка, Договорот за слободна трговија во Централна Европа (ЦЕФТА) и со поддршка на Европската комисија, се состои од повеќе столбови. Еден од нив се однесува на усвојувањето на регулативата на ЕУ во областа на плаќањата, што ќе им помогне на земјите од Западен Балкан за побрзо интегрирање во Единствената европска платежна област (СЕПА), во согласност со новиот План за раст на Западен Балкан на ЕУ. Понатаму, проектот го засега и унапредувањето на инфраструктурата за плаќањата, односно воспоставувањето брзи плаќања и постигнувањето интероперабилност. Брзите плаќања овозможуваат инстант пренос на парични средства 24 часа дневно, секој ден во годината. Одделни активности во рамките на овој столб се однесуваат на воведувањето иновативни финтек-решенија за извршување плаќања, како и на поврзувањето со системот за порамнување на инстант плаќањата (ТИПС) на Евросистемот.

