9 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАГрупацијата Светска банка започнува ново поглавје во своето 30-годишно партнерство со Северна...

Групацијата Светска банка започнува ново поглавје во своето 30-годишно партнерство со Северна Македонија

Надградувајќи на успешното 30-годишно партнерство, Групацијата Светска банка и Северна Македонија ќе соработуваат во  зајакнување на конкурентноста на земјата,  развивање на човечкиот капитал и зајакнување на отпорноста на климатските промени,  се вели во новата стратегија за периодот 2024-2028 година, дискутирана денес од страна на Бордот на извршни директори на Групацијата на Светска банка.

Стратегијата ја истакнува потребата за Северна Македонија да го поттикне растот во создавање на повеќе работни места во контекст кој продолжува да се потпира на микро и мали претпријатија со ограничен пристап до вештини и финансии потребни за иновации и раст на сѐ поконкуретни домашни, регионални и глобални пазари. Немањето доволно можности за динамични работни места ја поттикнува имиграцијата, ги продлабочува  демографските предизвици и го попречува подобрувањето на продуктивноста.

„За да се одржи развојот на Северна Македонија, приоритет е создавање на привлечни работни места, особено за младите“, вели Масимилиано Паолучи, директор на Канцеларијата на Светска банка за Косово и Северна Македонија. „ Тоа значи дека треба да создадеме услови услови за приватниот сектор да биде двигател за раст и создавање работни места, подобрување на основните вештини кај децата и подобрување на социјалните и здравствените услуги, и на тој начин Северна Македонија да се развива како атрактивна инвестициска дестинација. Стратегијата предвидува обновени напори за промовирање на поголема поврзаност со регионалните и глобалните пазари за да се олесни трговијата и напредокот во пристапот на Северна Македонија кон Европската унија.

Во поддршка на спроведување на новата стратегија, Светска банка за Северна Македонија планира да обезбеди околу 700 милиони евра финансирање во следните пет години, придружено со советодавни програми и техничка помош.

Стратегијата потврдува дека поттикнувањето на растот и создавањето нови работни места ќе бара дополнителни реформи за подобрување на конкурентноста. Таа  ќе поддржи насочени интервенции во областите на одговорност на јавните институции и фискална одржливост за подобрување на квалитетот на испораката на јавните услуги. Стратегијата, исто така, ќе го поддржи преминот кон почисти извори на енергија, имајќи предвид дека Северна Македонија во моментов се потпира на високо загадувачки лигнит и нафта за 70 отсто од своите енергетски потреби и за проширување на климатски отпорна инфраструктура за да се ублажи влијанието на поплави, лизгање на земјиштето и шумски пожари.

Зелената транзиција ќе добие значителен поттик од зголемената поддршка од Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ), членка на Групацијата Светска банка.

„Потребно е вклучување на приватниот капитал за инвестирање во обновлива енергија и енергетска ефкасност, за да се одржи траекторијата на одржлив развој на Северна Македонија“, истакна Никола Маркие, регионален директор за Западен Балкан при ИФЦ. „Ние исто така сме посветени кон проширување на пристапот до финансирање на микро, мали и средни претпријатија и инвестирање во модерна комерцијална и индустриска инфрастуктура“.

Покрај дискусијата за новата стратегија за Северна Македонија, Бордот на извршни директори на Светска банка минатата недела одобри два нови инвестициски проекти за земјата. Вториот проект за подобрување на социјалните услуги во износ од 27.5 милиони евра,  се усогласува со севкупната стратегија за зајакнување и проширување на реформите, со цел да се подобри пристапот и квалитетот на социјалните услуги, како и раното детско образование и грижа. 31 милион евра дополнително финансирање за Проектот за надградба и развој на патиштата ќе помогне на Северна Македонија за подобрување на транспортната поврзаност долж делницата од Коридор VIII, помеѓу Скопје и Деве Баир. 

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП