4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЦените на нафтата над 79 долари

Цените на нафтата над 79 долари

Цените на нафтата се стабилизираа над нивото од 79 долари на меѓународните пазари во вторникот, бидејќи зголемените испораки од Либија и Норвешка ги засенија геополитичките тензии и нарушувањата во производството во САД.

На лондонскиот пазар цената на барелот по пладне беше пониска за 58 центи во однос на затворањето на тргувањето вчера и изнесуваше 79,48 долари. Вчера ја затвори трговијата со добивка од 1,50 долари.

На американскиот пазар барелот денеска се тргуваше по пониска цена од 45 центи, по 74,31 долар. Вчера ја затвори трговијата со добивка од 1,36 долари.

Пазарите вчера беа вознемирени поради затворањето на рускиот терминал за гориво Новотек на Балтикот поради пожар предизвикан од украински дрон. Проблемите на терминалот беа проследени со намалено производство во САД поради екстремно ниските температури.

Тензијата се засили и на Блискиот Исток, каде американските и британските сили во понеделникот повторно ги нападнаа позициите на движењето Ансар Алах во Јемен.

Во вторникот, нервозата стивна откако најновите податоци покажаа зголемена понуда од Норвешка и Либија, а вниманието се врати на лошата економија и побарувачка.

Норвешкото производство на нафта се зголеми на 1,85 милиони барели дневно во декември, надминувајќи ги прогнозите на аналитичарите од ноември, покажуваат податоците на Норвешката поморска управа (НОД). Во ноември таа изнесуваше 1,81 милиони барели дневно.

Во понеделникот, Либија го продолжи производството на нафтеното поле Шарара со капацитет од 300.000 барели дневно по завршувањето на протестите кои ја прекинаа работата на почетокот на месецот.

„Трговците ги оценуваат економските изгледи, каматните стапки, ОПЕК + и ризикот од прекини во снабдувањето поради ситуацијата во Црвеното Море. Ситуацијата не е појасна за нас денес отколку пред неколку недели, за некој од тие фактори“, рече Крег Ерлам од ОАНДА.

Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) одделно објави дека во понеделникот цената на барел од нафтената кошничка на нејзините членки паднала за 57 центи, на 79,70 долари.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП