4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЕУ постигна договор за користење на замрзнатите руски средства

ЕУ постигна договор за користење на замрзнатите руски средства

Европската унија постигна договор за процедурата за користење на приходите добиени од замрзнатите руски средства, изјави во понеделник високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, по состанокот на Европскиот совет во Брисел.

Според него, конечната одлука ќе биде донесена пред следната седница на Советот во февруари. „Можам да кажам дека имаме политички договор да ја завршиме работата врз основа на предлогот од декември, кој се фокусира на искористувањето на приходите“ од замрзнатите руски средства, изјави Борел за новинарите, пренесува Комерсант.

Тој посочи дека станува збор само за приходи добиени од замрзнати руски средства. Борел најави дека дискусијата сега ќе продолжи на ниво на амбасадори, а договорот е речиси подготвен.

Во 12-тиот пакет санкции против Русија, ЕУ за прв пат предвиде можност за конфискација на замрзнатите руски средства. Белгиското Министерство за финансии на 16 јануари објави дека ЕУ почнала да работи на техничко ниво за запленување на замрзнатите средства на Банката на Русија.

Швајцарските власти најавија дека одлуката за заплена на руски имот мора да биде апсолутно легитимна. Во исто време, претседателот на Литванија Гитанас Наузеда и специјалниот претставник на американскиот претседател за економско закрепнување на Украина, Пени Прицкер оценија дека е „прилично тешко“ да се најде доволна правна основа за конфискација на рускиот имот.

По почетокот на војната во Украина, ЕУ ги замрзна руските средства во Европа, кои се во вредност од околу 300 милијарди долари. Рускиот министер за финансии Антон Силуанов потврди дека тоа е сумата. Москва најави дека како одговор на конфискацијата ќе отуѓи околу 288 милијарди долари од западните средства и инвестиции во Русија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП