28 април, 2024
ПочетнаМАКЕДОНИЈА„Ќе стигнеме на работа, ама како ќе си појдеме дома?“ - сообраќаен...

„Ќе стигнеме на работа, ама како ќе си појдеме дома?“ – сообраќаен хаос во Скопје поради штрајкот на ЈСП

Најавата на возачите на Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) дека автобусите ќе ги возат само до 9 часот а потоа ќе штрајкуваат, создаде сообраќаен хаос во Скопје утрово.

Освен студентите и средношколците кои се принудени да користат јавен превоз, сите други вработени во јавниот и во приватниот сектор очигледно тргнаа на работа со автомобил, што доведе до големи задржувања и гужви на главните сообраќајници.

Новинарската екипа на Денар разговараше со револтирани граѓани кои буквално беа заглавени во сообраќајот.

Една од нив е и Марија, скопјанка која работи во банкарскиот сектор.

Таа вели дека на работа редовно оди со автобус, но дека денеска е принудена да оди со автомобил, да плаќа паркинг за 8 часа во центарот на градот, бидејќи ако тргнела со автобус, не би се знаело како би се вратила дома ако вработените на ЈСП го продолжат протестот.

„Ова е неприфатливо. Јас плаќам месечна карта за јавен превоз, а не можам да ја користам. Морам да трошам пари за гориво и за паркинг, а и да губам време во сообраќајот. Вработените на ЈСП имаат право да бараат подобри услови за работа, но не треба да ги земаат градот и граѓаните како заложниици. Се надевам дека ќе се најде решение што побрзо”, ни изјави Марија.

ЈСП стапува во штрајк поради неисплатената декемвриска плата.

Истовремено со протестот, советниците на Град Скопје на денешната седниуца ќе треба да решат дали 11 милиони евра ќе бидат префрлени на сметката на ова градското претпријатие.

Советничката група на СДСМ не гледа пречка за позитивна реализација на единствената точка од дневниот ред на седницата, ама од ВМРО-ДПМНЕ се децидни дека нема да дадат зелено светло без отчет за тоа каде се трошат овие пари.

„Досега се дадени рекордни милионски износи за субвенции за ЈСП, а се бележат и рекордни загуби. Притоа ниту ЈСП, ниту Арсовска имаат дадено отчет за тоа како се трошат овие пари. Советничката група на ВМРО ДПМНЕ нема да прифати без отчет, на слепо и овој пат да се доделат субвенции за ЈСП“, велат од опозициската партија.

Градоначалничката Данела Арсовска стои на ставот дека сега сѐ е во рацете во Советот на Град Скопје, дека од нив зависи егзистенцијата на вработените во претпријатието, но и воопшто функционирањето на главната метропола.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП