Со измени во законот за здравствена заштита, Фондот за здравство ги зголеми цените на специјалистичките стоматолошки услуги, но истовремено го преполови бројот на услугите што може да ги изврши една ординација во текот на еден месец.
Оваа одлука предизвика незадоволство кај Здружението на специјалисти стоматолози, кои велат дека тоа ќе им го одземе правото на пациентите да добијат навремена и квалитетна здравствена заштита.
Според Здружението, оваа мерка ќе има негативни последици за работењето на стоматолошките ординации, кои ќе мора да ги намалат своите капацитети и да ги одложат планираните интервенции.
Ова, пак, ќе значи подолго чекање за пациентите, кои ќе се соочат со ризик од влошување на забните проблеми и потреба од поскапи третмани.
„Со намалување на бројот на услуги Фондот не го реши нашиот 16-годишен проблем, бидејќи истата сума пари (буџет) ја издвојува за специјалистичката стоматолошка дејност, а на осигурениците им ги преполови услугите. Сите овие промени и измени на законот беа донесени три дена пред новата година. Во овој краток период докторите се затекнати и збунети како ова да им го објаснат на своите пациенти и како да постапуваат со нив“, брифираат членови на Здружението.
Од друга страна, пациентите исто така се изјаснуваат дека се против новите цени и ограничувања на стоматолошките услуги.
Еден од нив е и Валентин Киров, кој вели дека стоматолошките услуги и досега беа доволно скапи и дека не треба да поскапуваат.
„Јас сум пациент кој има потреба од протетички услуги, бидејќи имам изгубено неколку заби. Сега, со новите цени, ќе морам да плаќам многу повеќе од претходно. А и не знам дали ќе можам да добијам услуга воопшто, бидејќи ординациите имаат ограничен број на пациенти. Мислам дека ова е неправедно и дека нема да придонесе за подобрување на здравјето на граѓаните“, вели Киров.
Од Фондот за здравство, пак, објаснуваат дека целта на измените е да се овозможи поголема достапност и квалитет на стоматолошките услуги, кои се финансираат од јавните средства.
Според нив, новите цени се приближно реални и се во согласност со европските стандарди.
Б.З.М.