21 февруари, 2024
ПочетнаКОЛУМНИОтварањето на нови рудници треба да биде приоритет, а не табу тема!

Отварањето на нови рудници треба да биде приоритет, а не табу тема!

Веднаш на почеток сакам да кажам дека јас сум “Економски активист”. Верувам дека само богата држава може успешно да ги реши еколошките, социјалните, културните и други проблеми на своите граѓани. Оваа наша убава држава страда од едно загадување кое е насекаде и се продлабочува, тоа е СИРОМАШТИЈАТА.

Како рударски инженер, се движам по траекторијата што го преобликува рударството на Балканот, непосредно учествувајќи во еволуцијата на модерното рударство и неговото спојување со одржливите практики. Почнав како помлад инженер во рудникот Саса, каде што со макотрпна работа ги имплементирав основните принципи на рударството. Преку посветеност и труд, ги поминав сите раководни места во рудникот Саса, а рудникот, кој претходно се мачеше, забележа значителен пораст на производството, достигнувајќи историска пресвртница и во мерките за безбедност при работа, но и во заштитата на животната средина. Во налет на затворањето на рудниците, пред една-две децении, го вратив во живот рудникот „Леце“ во Србија преземајќи сеопфатни инфраструктурни поправки и оперативно реструктуирање, со што производството се зголеми за 2,5 пати. Учествував и во развојот и трансформацијата на Рудниците „Злетово и Тораница“, применувајќи побезбедни и поефикасни методи на откопување. Мојата моментална функција како раководител на „Грот“ во Србија ја покажува мојата успешна кариера, но ја отсликува и еволуцијата на рударството, еволуирајќи од традиционален модел во современ модел кој ги испреплетува технолошките иновации, управувањето со животната средина и стратешкото планирање, покажувајќи ја конвергенција на современите рударски практики со императивите на зелената економија.

Истражувањата покажаа дека светот во кој живееме има осум милијарди луѓе кои ја делат оваа планета и до 2050 година веројатно ќе броиме поблиску до 9,5 милијарди. Урбанизацијата се зголемува со стапка од 60-80 милиони луѓе секоја година, светската економска активност расте со околу 3% годишно, а потребите за минерални суровини за изградба на инфраструктурата, производството на чиста енергија и создавањето на други производи неопходни за живот постојано се зголемува. Нема сомнение дека металите и неметалите за кои има гаранции дека се произведени на тој начин што ги исполнуваат сите еколошките стандарди и се запазени сите човековите права се сериозна потреба за унапредување на човечкиот живот, а тоа значи дека очекувањата на општеството од рударскиот сектор постојано ќе растат!

Од мое лично искуство можам да кажам дека рударството не само што ги поместува планините, туку ги движи и луѓето – физички, емоционално, политички и економски. Живееме во таканаречената „ера на миграција“, движењето на населението ги обновува државите, општествата и економиите ширум светот. Луѓето воглавно го поддржуваат патот на индустрискиот развој, на тој начин што продолжуваат со своите бизниси, развиваат нови бизниси и градат нови средства за живот. Други пак доаѓаат во потрага по средствата за егзистенција овозможени од една многу конкретна форма на развој – РУДАРСТВОТО. Тоа ги модифицира начините на живеење на локалното населениe, ги менува односите меѓу луѓето и природата, ја продлабочува интеграцијата на регионите богати со минерални суровини со големите финансиски центри и ги менува идеите за иднината.

Во последните неколку години, рударството постигна силен напредок во обезбедувањето и задржувањето на својата социјална лиценца за работа, станувајќи клучен партнер во изградбата на долгорочна социјална и физичка инфраструктура што создава позитивна придобивка за локалните и регионалните економии. Еве и неколку примери од нашето непосредно соседство:

Во 2018 борските рудници (сите за бакар и злато) во Република Србија ги купува кинеската компанија Зиѓин ( ZIJIN ), и вложи околу 3 милијарди долари во ревитализацијата на постоечките и отварање на нови рудници. Од тогаш до сега во Бор, Мајданпек и останатите околни градови се случува економски препород. Имено од регион во кој просечната плата беше една од најниските во Република Србија денеска е на второ место веднаш зад белградскиот регион. Иселувањето овде е заборавен поим напротив има доселување на работници од цела Србија. Во заштитата на животната средина вложувањата се повисоки од вкупните вложувања кои биле педесетина години назад. Моментално се изготвува план за инвестиција од нови 3,8 милјарди долари во отворање на подлабоките зони на рудниците.

Вториот пример е во Босна и Херцеговина (БиХ) овие денови започнува со работа рудникот „Вареш“ каде инвеститор е фирмата Адриатик Металс (Adriatic Metals) и тоа е најголемата инвестиција во оваа бивша југословенска република од нејзиното осамостојување до денес. Овој проект во март минатата година доби статус како проект од посебно значење за БиХ бидејќи се очекува тој во растот на БДП да учестува со 2 %.

И трет пример и за мене најважен бидејќи се наоѓа на помалку од 100 км воздушна линија од нашиот југоисток во Грција т.е во Европската унија. Имено канадска компанија Елдорадо Голд Корпорејшн (Eldorado Gold Corporation) минатата година го заокружи финансирањето и отпочна со изградбата на рудникот Скурис (Skouries). Проектот Скурис, како дел од целокупниот комплекс на Рудниците Касандра (Kassandra Mines), ќе создаде значителни позитивни економска и социјална вредност на локално и национално ниво. Со над 3 милијарди американски долари, целосниот развој на Рудниците Касандра, кои ги вклучуваат Скурис, рудникот Олимпија, пристанишниот објект Стратони и фабриката за управување со јаловина Кокинолакас (Kokkinolakkas), претставува една од најголемите странски директни инвестиции во земјата и ќе и овозможи на Грција да стане една од водечките земји за производство на злато во Европа.

Земајќи го предвид сето ова, убеден сум дека такви позитивни движења ќе предизвика и долго најавуваниот рударски комплекс Иловица – Шутка, кој преку неговата изградба и работење ќе донесе сериозен економски бенефит за локалното население, но и за поширокиот струмички регион. Само така, нашата држава може да ги искористи позитивните движења на глобалните пазари на минерални ресурси, што силно ќе влијаат врз локалниот развој, но и развојот на целата држава. Како што трудот и капиталот ќе се движат за да му служат на растечкиот економски пејзаж, тоа ќе предизвика трансформација и пораст на природниот, произведениот, човечкиот, социјалниот, културниот и економскиот капитал на локалната заедница. На овие различни начини, овој рударски проект ќе го стимулира протокот на луѓе, капитал, идеи и моќ на променливи социјални стрктури. Овие движења и текови, ќе го издигнат регионот во кој се наоѓа проекот Иловица-Штука на многу повиско ниво на развој во однос на другите региони во Македонија.

Филип Петровски, Дипломиран рударски инженер,

Актуелен Генерален Директор на рудникот ГРОТ, Република Србија

Изразените ставови во рубриката колумни се лични ставови на авторот и тие не ја одразуваат уредувачката политика на Денар

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП