1 мај, 2024
ПочетнаЛУКСУЗ И ПАТУВАЊЕСи го претворил комбето во „дом на тркала“ – колку е тежок...

Си го претворил комбето во „дом на тркала“ – колку е тежок животот камперски?

Само едно комбе, малку креативност и многу труд се потребни за да се направи сопствен кампер по своја мера. Тоа го докажа Велибор Блажевски, скопјанец кој одлучи да го претвори своето возило во удобен и функционален дом на тркала.

Велибор веќе две години летува поразлично од повеќето луѓе.

Наместо да плаќа скапи хотели и апартмани, тој си го паркира својот кампер на плажа и ужива во природата и слободата.

„Две години одам со сопругата на еден различен начин на летување. Што се однесува до видот на летување, секој си има свој вкус. Кај мене важи правилото дека кога ќе заспијам јас не знам дали спијам во апартман од 200 евра на ден или на ливада. Човекот спие. Моето мислење е дека се претерува со плаќање од 80 до 150 евра на ден за апартман“, вели нашиот соговорник.

Според неговите зборови, постои можност и да кампува во кампови.

Цената за две лица, кампер возило и струја изнесува од 15 па до 35 евра на ден. Сè зависи каков камп ќе изберете. Неговото мислење е дека секогаш треба да се бираат помали кампови поради бучавата и гужвата. Тој лично не ги сака гужвите.

За да го направи својот кампер, Велибор купил товарно комбе и со помош на братот се фрлил во авантура на преправање.

„Сè е средено и атестирано. Можам да кажам дека ако сè направиш сам, а притоа камперот да е навистина среден и сигурен, тоа задоволство ќе ве чини од 7.000 до 9.000 евра. Ако ви работи друг некој, тогаш е скоро двојно поскапо – кажува Велибор.

Комбето е опремено со шпорет и фрижидер на плин и на струја, има резервоар за вода од 100 литри, греење на нафта, надворешна туш кабина и хемиски тоалет. Скоро сè како во апартман, вели Велибор. Но со многу подобра локација и поглед, кои немаат цена.

Во Македонија, камперите се сè посакуван начин на патување и одмор.

За оние кои сакаат да го испробаат овој вид авантуризам, но немаат свој кампер, постојат и опции за изнајмување. На интернет може да се најдат понуди за изнајмување кампери со цени од 40 до 80 евра на ден.

Некои од нив се опремени и со соларни панели, клима уреди, телевизори и други додатоци.

Без разлика дали сте во потрага по евтин и еколошки начин на патување, или, пак, сакате да го искористите своето слободно време за да се поврзете со природата и себеси, камперите можат да ви нудат незаборавно искуство. Само треба да се осмелите да го направите првиот чекор.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП