Новата правна рамка за платните системи и платежните услуги, поради високата усогласеност со правото на Европската Унија, носи можности за забрзана интеграција на земјата во Единствената европска платежна област (СЕПА) и поврзување со платежната инфраструктура во ЕУ за побрзи и поевтини плаќања во евра за граѓаните и компаниите. Исто така, правната рамка има за цел да го поттикне користењето на дигиталните канали за полесно иницирање на плаќањата за побрзо, поедноставно и поевтино извршување на плаќањата во земјата, посочува директорот на Дирекцијата за платни системи при Народната банка, Игор Величковски, во интервју за месечникот „Економија и бизнис“. Величковски нагласува дека иднината на плаќањата се заснова на цврста правна рамка којашто обезбедува сигурно и ефикасно извршување на плаќањата и поголема заштита на корисниците на платежните услуги, а особено на потрошувачите.
Новата правна рамка им овозможува на банките и на новите даватели на платежни услуги од финтек-секторот, преку спроведување на концептот на т.н. „отворено банкарство“, да понудат иновативни решенија коишто ги задоволуваат потребите на нивните клиенти да извршуваат плаќања на побрз и поудобен начин, нагласува Величковски и посочува дека потенцијалот за примената на нови финтек-решенија е голем. „Доколку денес сакаме да купиме некој производ или услуга на интернет, ние вообичаено плаќаме со платежна картичка. Во иднина, очекуваме дека финтек-решенијата ќе ни овозможат да платиме на брз, сигурен и удобен начин директно преку нашето електронско банкарство, без да ја користиме платежната картичка. На пример, со користење мобилна апликација којашто е поврзана со нашата платежна сметка ќе може да платиме за вечерата со пријателите во ресторан без користење на платежната картичка, при што износот на сметката ќе може лесно да се подели помеѓу пријателите, независно од тоа кај кој давател на платежни услуги имаат платежна сметка“, објаснува директорот на Дирекцијата за платни системи.

