30 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЦените на превозот вртоглаво се зголемија по нападот во Јемен

Цените на превозот вртоглаво се зголемија по нападот во Јемен

Стапките на контејнерски превоз на клучните глобални бродски рути се зголемија оваа недела, со најновите напади на САД и Велика Британија во Јемен кои ги поттикнаа стравувањата на превозниците од продолжено нарушување на транзитот на Црвеното Море, изјавија лидерите на индустријата во петокот.

САД и Велика Британија извршија десетици напади врз цели во Јемен во текот на ноќта во петокот како одговор на нападите на јеменските Хути, познати како Ансар Алах, врз бродови поврзани со Израел во Црвеното Море како поддршка на палестинскиот Хамас во неговиот конфликт со израелските сили во Појасот Газа.

Ескалацијата на вооружените конфликти ги зголеми цените на товарот, а логистичките компании, плашејќи се од ризикот, ги пренасочуваат бродовите на подолг пат околу Ртот Добра надеж.

Во такви услови, референтниот шангајски индекс на транспорт со контејнерски карго порасна во петокот за повеќе од 16 отсто во однос на крајот на минатата недела, на 2.206 поени.

Цените на товарот на линијата Шангај-Европа се зголемија за 8,1 отсто во петокот во однос на една недела претходно на 3.103 долари по стандардна единица за транспорт со контејнер (TEU), што одговара на контејнер од 20 стапки. Една стапка е еднаква на 0,3048 метри.

Товарните стапки на рутата на американскиот западен брег, исто така, скокнаа за 43,2 отсто од минатата недела на 3.974 долари по американски контејнер од 40 стапки, објави во петокот водечката брокерска куќа за бродови Кларксонс.

„Колку подолго трае кризата, толку повеќе нарушувања ќе предизвика во океанскиот товарен транспорт низ целиот свет, така што трошоците ќе продолжат да растат“, предупреди во петокот Питер Санд, главен аналитичар на карго платформата „Ксенета“.

До можниот крај на кризата не делат месеци, а не недели или денови, смета тој, алудирајќи на ескалација на конфликтот.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП