2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАИнфлацијата во САД неочекувано скокна во декември

Инфлацијата во САД неочекувано скокна во декември

По олабавувањето во октомври и ноември, инфлацијата во САД скокна повеќе од очекуваното во декември. Потрошувачките цени, мерени со индексот CPI, пораснаа за 3,4 отсто на годишна основа, што е за 0,3 процентни поени повеќе од ноември, објави американското Министерство за труд.

Основната инфлација на годишно ниво – која ги исклучува цените на храната и енергијата, кои вообичаено варираат значително – во декември во САД изнесуваше 3,9 проценти.

Иако Федералните резерви (ФЕД) нема да донесат одлука за можно намалување на основната каматна стапка врз основа на едномесечни податоци, според аналитичарите, статистиката од декември може да го зголеми притисокот врз ФЕД.

Во борбата против високата инфлација, централната банка почна да ги зголемува каматните стапки на почетокот на 2022 година, а тие и денес се на високо ниво.

И покрај растот во декември, инфлацијата во последниот месец од годината сепак беше значително пониска од јуни 2022 година, кога достигна највисоко ниво од 1981 година на 9,1 отсто.

Важен е и фактот што базичната инфлација од 3,9 отсто на годишно ниво е најниска од мај 2021 година. Оваа стапка на инфлација е она што ФЕД најмногу го зема предвид во својата монетарна политика.

„Извештајот покажува дека ја завршивме 2023 година со инфлација речиси две третини пониска отколку што беше на врвот, а базичната инфлација е најниска од мај 2021 година“, објави американскиот претседател Џо Бајден.

„Во текот на целата година паднаа цените на млекото, јајцата, играчките, апаратите за домаќинство, авионските билети. И покрај некои прогнози, инфлацијата е помала, а пазарот на труд останува стабилен. Економијата отвори повеќе од 14 милиони работни места откако јас ја презедов функцијата“, додаде тој.

Подетална анализа на телевизијата Си-Ен-Би-Си покажа дека главната причина за зголемувањето на инфлацијата во декември се цените на изнајмување станови, кои се зголемени за 0,5 отсто во однос на ноември, а за 6,2 отсто во однос на декември 2022 година.

Цените на храната се зголемија за 0,2 отсто од ноември, вклучувајќи ги јајцата за 8,9 отсто, но паднаа за 23,8 отсто од декември 2022 година.

Од ноември цените на енергенсите се зголемени за 0,4 отсто, вклучувајќи го и бензинот за 0,2 отсто. Поскапеа и авионските билети, за еден процент од ноември.

Во однос на ноември, здравствените услуги поскапеле за 0,6 отсто, половните автомобили поскапеле за 0,5 отсто, а осигурувањето на автомобили за 1,5 отсто.

Платите, приспособени на ефектот на инфлацијата, во декември минатата година пораснале за 0,2 отсто во однос на ноември, а за 0,8 отсто во однос на декември 2022 година.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП