„Вклучувањето на жените на повисоки раководни позиции во организациите придонесува за јакнење на стратегиското одлучување. Народната банка е позитивен пример во домашната економија, но и во меѓународни рамки. Угледниот британски форум ОМФИФ при последното рангирање ја има посочено Народната банка како прва помеѓу централните банки во светот според застапеноста на жените на раководните позиции. Важно е да се преземат иницијативи и да се работи на премостување на јазот во родовата застапеност во лидерството, којшто постои и кај нас во финансиските институции и воопшто“, беше посочено на средбата помеѓу гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и претставничката на иницијативата Жени во органите на управување Јадран (Women on Board Adria − WOBA), Тања Михајловска Димитриевска.
Според последните расположливи податоци на меѓународниот индекс за родова застапеност, којшто во изминатата декада го објави британскиот форум ОМФИФ, учеството на жените во органите на управување во деловните банки се подобрува, но и натаму е на ниско ниво. Во 2023 година, учеството на жените во одборите на директори на деловните банки е околу 35%, додека застапеноста на сениорските позиции е 31%. Кај нас не е многу поразлична состојбата во однос на светот. Учеството на жените на раководните позиции во деловните банки е околу 30%, колку што е приближно и учеството во управните и надзорните одбори, додека сè уште има банки каде што во органите на управување сè уште нема застапеност на жени.

