27 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАMaersk и CMA-CGM повторно ќе пловат по Црвеното Море

Maersk и CMA-CGM повторно ќе пловат по Црвеното Море

Поморските гиганти Maersk и CMA-CGM ќе продолжат да пловат низ Црвеното Море откако неколку земји, предводени од Соединетите држави, се вклучија за да ја контролираат морската рута, која беше нападната од јеменските бунтовници минатата недела.

Нападите врз бродските компании претходно овој месец ги принудија компаниите да ги пренасочуваат бродовите околу јужниот дел на африканскиот континент, што значи подолга и поскапа рута.

Хутите од почетокот на војната во Газа му се закануваат на Израел со беспилотни летала и ракети и повремено ги извршуваат своите закани. Во последните недели тие нападнаа и товарни бродови во Црвеното Море.

Поради тоа, повеќе од 20 земји, предводени од Соединетите Американски Држави, се приклучија на меѓународната коалиција за заштита на товарниот сообраќај во Црвеното Море и Аденскиот Залив, кои заедно со Суецкиот канал претставуваат една од најважните поморски патишта во светот. Според француската новинска агенција АФП, 12 отсто од светската трговија минува низ Суецкиот канал.

„Во моментов подготвуваме планови за постепено зголемување на бројот на бродови што пловат низ Суецкиот канал“, се вели во соопштението за печатот на француската компанија CMA-CGM.

Во меѓувреме, Maersk во неделата објави дека ќе го обнови транзитот низ Црвеното Море „што е можно поскоро“.

Нов напад се случи и во вторникот, кога Пентагон објави дека американските вооружени сили во период од 10 часа собориле 12 беспилотни летала, три балистички проектили насочени кон бродови и два проектили насочени кон копнени цели. Според Пентагон, Хутите извршиле повеќе од 100 напади со беспилотни летала и проектили, чија цел биле десет трговски бродови.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП