5 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМосква речиси целосно го пренасочи извозот на нафта во Азија

Москва речиси целосно го пренасочи извозот на нафта во Азија

Русија речиси целосно го пренасочи својот извоз на нафта во Кина и Индија, остварувајќи приходи споредливи со 2021 година пред воведувањето на западните санкции, објави во средата рускиот вицепремиер задолжен за енергетика Александар Новак.

Според него, Русија, која е погодена од бројни западни санкции поради офанзивата во Украина, особено на енергетските извори, денеска продава 45 до 50 отсто од нафтата на Кина и 40 отсто на Индија.

„Ако претходно ја снабдувавме Европа со 40 до 45 отсто од вкупниот обем на нашиот извоз на нафта и нафтени деривати, очекуваме дека таа бројка нема да надмине четири до пет отсто до крајот на оваа година“, рече Новак во интервју за руската телевизија Русија 24.

Тој рече дека „рускиот енергетски и нафтен комплекс успешно се разви во 2023 година“, и покрај ограничувањата наметнати од Западот.

„Многумина сакаат да купат руска нафта и нафтени деривати. Станува збор за земји од Латинска Америка, африкански и други земји од азиско-пацифичкиот регион“, рече Новак.

Тој изјави дека приходите на Русија од нафта и гас ќе бидат близу 9.000 милијарди рубљи (околу 88 милијарди евра) оваа година, што е „приближно на нивото од 2021 година“, пред санкциите.

Енергетската индустрија претставува 27 отсто од БДП на Русија, а нивната продажба во странство сочинува околу 57 отсто од вкупниот извоз на земјата, додаде тој.

На крајот на ноември, Русија, заедно со другите земји од ОПЕК +, вклучително и Саудиска Арабија, одлучија да го задржат намалувањето на производството на нафта за да ги зголемат цените.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП