На 21 и 27 декември се одржани две седници на Советот на Народната банка. Советот на Народната банка го усвои Извештајот за ризиците во банкарскиот систем на Република Северна Македонија во третиот квартал од 2023 година. Исто така, Советот донесе одлука за ново зголемување на стапката на противцикличниот слој за превентивно делување и понатамошно јакнење на отпорноста на банките.
Според Извештајот за ризиците во банкарскиот систем во текот на третиот квартал, показателите за изложеноста на ризици на банкарскиот сектор се стабилни и дополнително се подобрија, додека стрес-тестовите упатуваат на добар капацитет за справување со можните шокови. Окружувањето во коешто работат банките се карактеризира со постепена стабилизација на ценовниот раст и поволен девизен пазар, но и натаму има ризици и неизвесности, главно предизвикани од надворешните фактори. Поради тоа, во Извештајот се нагласува потребата за натамошно внимателно следење на ризиците како од страна на банките, така и од страна на Народната банка и доколку е потребно, преземање мерки. Во вакви услови, банките и натаму непречено ги извршуваат банкарските активности, иако се бележи извесно забавување на кредитната и депозитната активност, но растот сѐ уште е солиден. Поволни промени има кај валутата и рочноста на депозитите. Солвентноста на банкарскиот систем бележи подобрување, при што стапката на адекватност на капиталот достигна 18,4%, што е највисоко ниво за изминативе седумнаесет години. Кредитното портфолио на банките е со добар квалитет и засега не се забележуваат знаци за позначително остварување на кредитниот ризик, а учеството на нефункционалните во вкупните кредити од 2,8% е на нивото на историскиот минимум.

