4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАДеловното расположение во Германија е се попесимистично

Деловното расположение во Германија е се попесимистично

Германското деловно расположение стана понегативно во декември.

Ова се наодите од најновото истражување на Институтот „Ifo“, кое покажува пад и на очекувањата и на сегашните услови, пренесува „Reuters“.

Индексот на деловната клима на „Ifo“ падна на 86,4 поени наспроти 87,8 очекувани од аналитичарите, по ревидираната вредност од 87,2 во ноември оваа година.

„Како што се приближува крајот на годината, германската економија останува слаба“, коментира претседателот на „Ifo“, Клеменс Фуст.

Минатата недела, институтот ја намали прогнозата за германската економија во 2024-та година на 0,9% раст наместо 1,4%.

„Фискалните проблеми во изминатиот месец јасно оставија белег врз германската економија, при што најважниот водечки показател во земјата покажува колку тешко ќе биде закрепнувањето на економијата“, рече Карстен Брзески, глобален шеф за макро технологија во „ING“.

Германската влада мораше да ги намали трошоците за да затвори дупка од 17 милијарди евра во нејзиниот буџет за 2024-та година, откако одлуката на Уставниот суд за неискористените средства за итни случаи на пандемијата отвори дупка од 60 милијарди евра во финансиите, потсетува „Reuters“.

Обновениот пад на деловното расположение во декември ја повтори пораката на минатонеделниот композитен PMI, кој покажа дека економскиот пад во Германија се продлабочил, а активноста во производството и услугите се намалува.

Компаниите беа помалку задоволни од своето работење, при што индексот на моменталната состојба падна на 88,5 од 89,4 во ноември. Тие, исто така, беа поскептични за првата половина на 2024-та година, при што компонентата на очекувањата покажа пад на 84,3 во декември од 85,1 претходниот месец.

„Германската економија има проблем со побарувачката“, рече шефот на истражувањето на „Ifo“, Клаус Валрабе. Тој, исто така, истакна дека податоците укажуваат на благо намалување на бруто домашниот производ во четвртиот квартал.

Германската економија веќе забележа пад во третиот квартал. Два последователни квартали на негативен раст се сметаат за техничка рецесија.

„Се чини дека БДП-то ќе се намали втор квартал по ред во четвртиот квартал, а изгледите за 2024-та година не изгледаат многу подобри“, рече Ендрју Канингам, главен европски економист во „Capital Economics“.

„Capital Economics“ прогнозира дека германската економија ќе стагнира во 2024-та година, како одраз на влијанието на повисоките каматни стапки врз инвестициите во градежништвото и индустријата, заострувањето на фискалната политика и континуираната претпазливост на потрошувачите во услови на слабеење на пазарот на трудот.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП