Oлабавувањето на монетарната политика во идниот период ќе зависи од три фактори − движењето на инфлацијата, на девизниот пазар, како и политиката на Европската централна банка, имајќи го предвид фиксниот девизен курс на денарот во однос на еврото. Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска во интервју за Дневникот на МТВ, посочува дека трендовите кај инфлацијата и девизниот пазар се поволни, со раст на девизните резерви до нивото од 3,9 милијарди евра, но дека инфлацијата сѐ уште е на повисоко ниво од историскиот просек, како и дека сѐ уште има ризици од надворешното и домашното окружување, што упатува на внимателност при поставувањето на монетарната политика.
Гувернерката посочува дека во моментов не се забележува помасовен тренд на олабавување на монетарната политика кај централните банки, иако постои во некои економии. „Централните банки на најразвиените економии, коишто најмногу влијаат на меѓународните финансиски пазари, сега за сега, ја задржуваат истата монетарна поставеност, но важно е да се истакне и дека не продолжија со натамошно зголемување на основните каматни стапки“, вели Ангеловска-Бежоска и дополнува дека ЕЦБ во последниот извештај наведува дека очекува подолго задржување на истите каматни стапки, заради подолгорочно стабилизирање на инфлациските очекувања и инфлацијата. „Но, од друга страна ако се погледнат очекувањата на финансиските пазари, тие веќе вградуваат одредено намалување на каматните стапки“, истакнува гувернерката.

