2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАБугарија попушти под притисокот на Унгарија, го укинува данокот за транзит на...

Бугарија попушти под притисокот на Унгарија, го укинува данокот за транзит на руски гас

Бугарија, која се надева дека конечно ќе влезе во Шенген зоната по долгогодишно чекање, денеска го прифати барањето на Унгарија за укинување на специјалниот данок за транзит на руски гас за Унгарија и Србија. Бугарскиот парламент денеска гласаше за укинување на мерката што беше воведена на 13 октомври. Данокот изнесуваше 10 евра за мегават на гас транспортиран преку гасоводот Турски тек.

Првично се работеше за „намалување на профитот“ на Гаспром, но спроведувањето на мерката се покажа сложено и рускиот гигант никогаш не ги плати бараните пари. Будимпешта и Белград, кои зависат од руските енергетски извори и сакаат да ги зачуваат врските со Кремљ, оценија дека тоа е „непријателска мерка што го загрозува нивното снабдување со енергија“.

Унгарскиот министер се закани дека ќе го блокира влезот на Бугарија во Шенген зоната

Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто се закани дека ќе го блокира влезот на Бугарија во Шенген зоната доколку данокот остане на сила. „Ако Унгарија го испочитува тоа што го вети, ветото мора веднаш да се укине“, изјави бугарскиот премиер Николај Денков за бугарската телевизија.

Минатата недела Холандија оцени дека Софија ги исполнува сите услови за влез во Шенген зоната, а Австрија е подготвена да направи отстапки, но само кога станува збор за воздушниот сообраќај со Бугарија и Романија и под услов да се зајакне безбедноста на надворешните граници на ЕУ.

Западноевропските земји вложија големи напори да ја намалат зависноста од рускиот гас, а Унгарија, земја без море, годишно набавува 4,5 милијарди кубни метри гас од Русија, главно преку Бугарија и Србија, според договорот потпишан во 2021 година.

Бугарските пратеници, исто така, донесоа одлука за забрана за извоз на гориво произведено од руска нафта од 1 јануари 2024 година и за завршување на преработката на нафта од руско потекло во нафтената рафинерија Лукоил Нефточим Бургас, која е под руска контрола од 1 март 2024 година, пренесува БТА.

Со ова се стави крај на изземањето на Бугарија од ембаргото на ЕУ за увоз на нафта од Русија, кое беше одобрено од Европската комисија во 2022 година поради нејзината специфична географска изложеност.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП