Нова повисока цена на струјата ќе има, но не за сите категории потрошувачи, потврди денес премиерот Димитар Ковачевски. Оние кои ја користат струјата за основните потреби кои ги има домаќинството нема да имаат ценовен шок, за разлика од оние кои, како што рече премиерот, ја трошат за луксузирање.
„Првиот и вториот блок опфаќаат над 90 %, некаде до 98 % од домаќинствата во државата и за нив нема да има никаква промена на цената на електрична енергија, како што и немаше. Ние ценовен шок не дозволивме за граѓаните. Третиот и четвртиот блок се помал број на домаќинства кои имаат поголема потрошувачка на електрична енергија. Во четвртиот блок се домаќинства кои што, согласно своите приходи, согласно своите можности, загреваат поголеми простории, загреваат базени и така натаму. Секој согласно своите можности може тоа да го прави меѓутоа ќе плати и поскапа цена. Ние ја субвенционираме до 90 % електричната енергија во државата за да нема ценовен шок. Оние кои ја користат електричната енергија за основните потреби кои ги има едно домаќинство нема да имаат ценовен шок. Оние кои имаат можност да користат електрична енергија за полуксузни намени, тогаш и ќе плаќаат повеќе“, рече премиерот Ковачевски по денешната презентација на новата апаратура за генетика во Македонската академија на науките и уметностите.

