6 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАРекордни профити за руските банки во оваа година, но после тоа се...

Рекордни профити за руските банки во оваа година, но после тоа се наѕира пад

Добивката на руските банки ќе достигне рекордни нивоа од околу 3,3 трилиони рубљи (36 милијарди долари) во оваа година, предвиде централната банка на земјата, цитирана од „Reuters“. Сепак, после тоа се очекува профитот да се намали за околу 1 трилион рубљи во 2024-та година бидејќи високите каматни стапки го забавуваат растот на кредитирањето.

Профитот на банките падна за речиси 90% во 2022-ра година, откако Западот воведе огромни санкции врз рускиот финансиски сектор поради акциите на Москва во Украина, но банките се вратија оваа година благодарение на силниот раст на кредитирањето и високите нето каматни маржи, особено благодарение на растечкиот буџет за национална одбрана.

„Во третиот квартал кредитирањето забрза во сите сегменти, но можно е забавување на крајот на годината“, соопшти централната банка.

Растот на корпоративното кредитирање во третиот квартал од 5,9% на годишно ниво се должи на побарувачката за кредити за државни набавки, замената на надворешниот долг и зголемувањето на станбената изградба, соопшти банката.

Затегнувањето на монетарната политика на банката за 750 базични поени од јули досега се очекува да ја намали побарувачката за кредити во економијата.

Зголемувањето на каматните маржи, и покрај повисоките каматни стапки, доведе до зголемување на добивката, објаснуваат од регулаторот. Централната банка предвидува дека добивката на банките во 2024-та година ќе изнесува 2,1-2,6 трилиони рубљи.

„Сметаме дека 2024-та година е малку поголем предизвик бидејќи политиката на централната банка е насочена кон борба против инфлацијата и затоа каматната стапка е многу висока и централната банка презеде мерки за ограничување на кредитирањето“, рече Герман Греф, извршен директор на најголемиот кредитор во земјата „Сбербанк“, во интервју емитувано на државната телевизија.

„Сепак, веруваме дека следната година ќе можеме да заработиме повеќе од оваа година“, додава тој.

Во 2021-ва година, „Сбербанк“ формираше повеќе од половина од профитот на целиот сектор.

Инфлацијата во Русија во ноември порасна на 7,5 отсто

Инфлацијата во земјата забрза во ноември, покажуваат најновите податоци на руската статистика. Ова ги зајакнува очекувањата дека централната банка ќе ја зголеми основната каматна стапка на состанокот на 15-ти декември, објави„ Reuters“.

Регулаторот веќе ги зголеми каматните стапки на 15 проценти. Повеќето аналитичари очекуваат централната банка да ја зголеми основната каматна стапка на 16 отсто на состанокот за монетарната политика следната недела.

Годишната стапка на пораст на потрошувачките цени во Русија во ноември изнесуваше 7,48 отсто, откако во октомври беше 6,69 отсто. Бројките за ноември беа малку под проценките на аналитичарите.

Годишната инфлација најверојатно ќе ги надмине очекувањата на централната банка на крајот на годината и ќе биде во опсег од 7-7,5 проценти, што е значително над поставената цел од 4 проценти.

На месечна основа, индексот на потрошувачките цени во Русија во ноември порасна за 1,11 отсто, откако во октомври достигна 0,83 отсто.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП