Македонските банки, добро капитализирани и ликвидни, се соочија со неколкуте кризи во изминатиот период. Нивната отпорност на кризата се должеше на нивните зајакнати биланси уште во претпандемичниот период. Народната банка и натаму ја јакне отпорноста на банкарскиот систем и во постпандемичниот кризен период, воведувајќи макропрудентни мерки. И покрај големата претпазливост и монетарното затегнување, банкарскиот сектор и во изминатиот период им обезбедува солидна кредитна поддршка и на компаниите, и на домаќинствата, со раст од околу 10% минатата и 6% годинава, посочи гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, во својата дискусија на Банкарскиот самит на Здружението на банките во Србија, којшто се одржа во Белград.
На панел-дискусијата посветена на актуелностите и предизвиците на банкарскиот сектор од перспектива на регулаторите, гувернерката Ангеловска-Бежоска посочи дека доколку затегнувањето на монетарната политика е брзо, агресивно и следи по долг период на олабавена монетарна политика и ако макропрудентната и супервизорската регулатива се послаби, тоа може да има значително влијание врз стабилноста на банкарскиот сектор. Оттаму, и покрај тоа што домашниот банкарски сектор влезе силен во кризниот период, Народната банка и натаму е претпазлива и ја јакне отпорноста на системот преку макропрудентни мерки. Гувернерката го истакна воведувањето на противцикличниот заштитен слој на капиталот, како и мерките за квалитет на кредитобарателите. Зборувајќи за показателите за банкарскиот сектор, Ангеловска-Бежоска истакна дека во изминатите неколку години адекватноста на капиталот се зголеми, а квалитетот на капиталот го има достигнато историски највисокото ниво, додека ликвидноста е традиционално висока, при што кај депозитната база се забележува раст на долгорочните депозити и на депозитите во денари, додека квалитетот на активата е подобар во споредба со предпандемичниот период.

