21 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈА„Луѓе молат за да купат 50 грама чварки“ – овој специјалитет стана...

„Луѓе молат за да купат 50 грама чварки“ – овој специјалитет стана недостижен за многумина

Чварките, еден од најпопуларните зимски специјалитети во Македонија, оваа сезона се продаваат по рекордно висока цена. Цената на килограм чварки се движи од 850 до 1.200 денари, што е значително повисоко од претходните години.

Многу граѓани се жалат дека не можат да си го дозволат овој деликатес, кој е традиционален дел од зимската исхрана.

Еден од нив е и пензионерот Димитар Стојанов од Скопје, кој вели дека цената на чварките е превисока и дека за тие пари може да купи храна со којашто ќе помине најмалку 2 недели.

„Јас и моите внучиња сме многу големи мераклии на чварки, па затоа сега купив само 300 грама за проба. Но, тоа е многу малку за нас, бидејќи чварките се јадат брзо. Не можам да си дозволам да давам 1.000 денари за килограм чварки, кога со тие пари можам да купам леб, млеко, сирење, јајца и други основни намирници”, вели Стојанов.

Денар разговараше со сопственик на една од месарниците во пазарот во Ѓорче Петров, кој вели дека можно е да се случи цената на чварките дополнително да расте во текот на следните месеци.

Тој објаснува дека цената на овој специјалитет е скокната поради кризата со свинското месо, но и поради општата скапотија и инфлација.

„Чварките се прават од свинско месо, а тоа е сега скапо и дефицитарно. Свинското месо е значително поскапено, а тоа се одразува и на цената на чварките. Плус, сè е поскапо, од гориво до струја. Луѓето немаат пари, а чварките се луксуз. Доаѓаат луѓе и бараат да купат 50 или 100 грама чварки, бидејќи немаат пари за повеќе. Жал ми е, и често во ќесата им ставам повеќе од нарачаното”, вели нашиот соговорник.

И некои ресторани нудат чварки како дел од своето мени, но и тие се соочуваат со проблеми со набавката и со цената.

Еден од нив е и Антонио Божиновски, сопственик на гостилница, кој вели дека чварките се многу популарни кај неговите гости, но дека не може секогаш да има на лагер.

„Чварките се одлично мезе, луѓето ги сакаат. Но, јас не можам да ги правам чварките, туку ги купувам од месарниците. А, тие се секогаш распродадени или многу скапи. Од друга страна, не можам да ги зголемувам цените на моите производи, бидејќи ќе ги изгубам клиентите. Затоа, чварките ги нудам само кога имам достапни, а тоа е ретко”, вели Божиновски.

Според експертите, цената на чварките ќе зависи од понудата и од побарувачката на свинското месо, кое е под влијание на разни фактори, како што се здравствената состојба на животните, трошоците за одгледување, увозот и извозот, како и од економската ситуација во земјата и регионот.

Сè додека овие фактори не се подобрат, чварките ќе останат скапо задоволство за многумина.
Чварките се сметаат за висококалорична и масна храна, која треба да се консумира со мера. Но, за многумина, тоа е искушение кое не може да се одбие, особено во зимските денови.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП