1 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАТрговците скептични, цените на нафтата паднаа минатата недела

Трговците скептични, цените на нафтата паднаа минатата недела

Цените на нафтата на светските берзи паднаа за околу 2 отсто минатата недела, бидејќи трговците се скептични за намалувањето на производството на ОПЕК и поради слабите економии, можен е дополнителен пад на побарувачката.

На лондонскиот пазар цената на барелот минатата недела падна за 2,1 отсто, на 78,88 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот се намали за 1,9 отсто, на 74,07 долари.

Организацијата на земји извознички на нафта (ОПЕК) и нејзините сојузници одлучија да го намалат производството во првиот квартал од следната година за приближно 700.000 барели дневно.

ОПЕК+ произведува повеќе од 40 отсто од светската нафта и веќе долго време го намалува производството за да ги поддржи цените, кои паднаа од речиси 100 на околу 80 долари за барел поради слабеењето на економиите, а со тоа и побарувачката за нафта.

Првично оваа одлука на ОПЕК го поддржа поскапувањето на нафтата, но набрзо тие паднаа бидејќи трговците се скептични, со оглед дека производителите доброволно ќе го намалат производството и нема да има контроли.

Аналитичарите, пак, очекуваа дека намалувањето на производството ќе биде поголемо и дека ќе инсистираат на почитување на договорените квоти.

Одлуката „нема да ја смири конфузијата на пазарот на нафта, за која ќе бидат потребни недели и месеци за да се дознае како стојат работите, а под услов извештаите што самите производители ќе ги состават да бидат навистина веродостојни“, објаснува аналитичарот на PVM, Џон Еванс.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП