4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААзиските берзи паднаа, доларот зајакна

Азиските берзи паднаа, доларот зајакна

Берзанските индекси на азиските берзи благо паднаа бидејќи инвеститорите решија да повлечат дел од својата заработка од пазарот, по силниот скок на цените на акциите во ноември, додека доларот зајакна во однос на кошницата валути.

Индексот MSCI на азиско-пацифичките акции, без Јапонија, беше намален за 0,4 отсто околу 07:00 часот, откако скокна за повеќе од 7 отсто во ноември.

Утрово индексот Nikkei падна за 0,1 отсто на токиската берза, додека цените на акциите во Хонг Конг, Австралија и Јужна Кореја се лизнаа меѓу 0,2 и 0,9 отсто. Во Шангај, пак, тие благо се зголемија.

По силниот скок во ноември, на почетокот на декември овие индекси паднаа бидејќи нема нови охрабрувачки вести.

Сепак, утрово беше објавен индексот Caixin PMI, кој покажа дека производната активност во Кина неочекувано се зголемила во ноември.

Но, тоа не ги охрабри баш инвеститорите бидејќи официјалниот PMI индекс на кинеските власти вчера покажа дека активноста падна втор месец по ред.

Вчера, пак, европските пазари беа поттикнати од првата проценка на Евростат, која покажа дека инфлацијата во еврозоната во ноември се лизна на 2,4 отсто, што е најниско ниво од средината на 2021 година.

Со ова се поткрепи тезата дека Европската централна банка го заврши циклусот на покачување на каматите и дека наскоро може да се очекува намалување на каматните стапки, со оглед на тоа што економијата на еврозоната слабее.

Но, и тоа не ги охрабри азиските инвеститори.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП