27 април, 2024
ПочетнаЛУКСУЗ И ПАТУВАЊЕЦирих и Сингапур ја предводат листата на најскапи градови во светот

Цирих и Сингапур ја предводат листата на најскапи градови во светот

Според годишниот светски индекс на трошоците на животот објавен од Economist Intelligence Unit (EIU), просечните трошоци на живот во најголемите градови годинава пораснале за 7,4 отсто. Цените на храната пораснаа најбрзо, за разлика од 2022 година, кога енергетските производи беа во првите редови на инфлацијата во урбаните средини.

Градот-држава Сингапур и швајцарскиот Цирих се прогласени за најскапи градови во светот.

Подемот на Цирих, кој скокна од шестото место на минатогодишната листа, се припишува на силата на швајцарскиот франк заедно со високите цени за намирниците, покуќнината и трошоците за забава и рекреација. Сингапур и пред една година беше на врвот на листата.

Иако Њујорк се изедначи со Сингапур за првото место минатата година, популарната американска дестинација, каде цените пораснаа за 1,9 отсто според студијата, падна на третото место, изедначено со швајцарската Женева.

Хонг Конг, единствената друга азиска дестинација во топ 10, беше петти, додека Лос Анџелес беше на шестото место, а Париз беше прогласен за седми најскап град во светот.

Израелскиот Тел Авив го дели осмото место со данскиот Копенхаген. Сепак, вреди да се напомене дека истражувањето е спроведено пред почетокот на октомврискиот конфликт меѓу Израел и Хамас. Конечно, Сан Франциско ја заокружува листата на првите десет најскапи градови.

Понатаму на листата, руските градови Москва и Санкт Петербург забележаа најостри падови, кои паднаа од 105. на 142. и 74. на 147. место на овогодинешното рангирање, поради падот на вредноста на рубљата.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП