4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАГинеколозите имаат нов ценовник – некои услуги се поскапени за 100%

Гинеколозите имаат нов ценовник – некои услуги се поскапени за 100%

Гинеколошките прегледи во земјава се поскапени за 100%, а пап-тестот веќе не се прави на една година, туку на три години, според новиот протокол.

Доколку сакате почесто да правите проверки, тогаш ќе мора да си платите приватни прегледи кои чинат неколку илјади денари.

Оваа одлука предизвика незадоволство кај многу жени, кои сметаат дека се става на карта нивното здравје и нивниот живот.

Една од нив е и Даница М., скопјанка која вели дека брисевите веќе не чинат 350 денари, туку се поскапени за 100% и сега чинат 700 денари, под изговор дека користеле некакви специјални реагенси.

„Јас сум вработена со минимална плата и имам две деца. Нема да можам да си ги дозволам брисевите, кои се многу важни за превенција на рак на матката. Сега ќе морам да чекам три години за да направам пап-тест, а тоа е премногу долго време. Не знам зошто го прават ова, кога знаат дека оваа болест е една од најчестите причини за смртност кај жените во земјава“, вели Даница.

Со новиот ценовник, за да направите најобичен гинеколошки преглед кај матичен гинеколог треба да издвоите најмалку 2.600 денари. Ова вклучува преглед, ултразвук и брисеви.

Оваа ситуација е особено тешка за трудниците, кои треба да прават редовни прегледи кај својот гинеколог.

Една од нив е и Марија Н., трудница од Скопје, која се жали дека матичниот гинеколог ѝ наплаќа 500 денари по секој преглед, а не ѝ издава фискална сметка.

„Јас сум во шестиот месец од бременоста и секој месец морам да одам на преглед кај гинекологот. Тој ми наплаќа 500 денари по секој преглед, а не ми дава фискална сметка. Кога го прашав зошто, тој ми рече дека тоа е негова лична одлука и дека ако не ми се допаѓа, можам да одам кај друг гинеколог. Но, јас немам избор, бидејќи нема друг гинеколог во мојата општина. Освен тоа, сите други гинеколози се исто така поскапи и не даваат фискални сметки“, вели Марија.

На потег е Министерството за здравство кое треба да даде објаснување за причината за поскапувањето на гинеколошките прегледи.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП