12 мај, 2024
ПочетнаСВЕТИзраел и палестинците: Последен ден од прекинот на огнот во Газа, израелскиот...

Израел и палестинците: Последен ден од прекинот на огнот во Газа, израелскиот премиер најави продолжување на офанзивата

Повеќе израелски и палестински заложници треба да бидат ослободени на четвртиот и последен ден од примирјето со посредство на Катар меѓу Израел и Хамас.

Иако од двете страни има сигнали дека договорот ќе биде продолжен, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вели дека „по привремениот прекин на огнот, Израел ќе ја продолжи офанзивата насочена кон елиминација на Хамас“.

Некои во Израел стравуваат дека продолжената пауза ќе им помогне на палестинските екстремисти да се прегрупираат и да организираат одбрана пред евентуалното продолжување на израелската офанзива.

Меѓу израелските заложници држени од Хамас и меѓу палестинските затвореници во Израел има и деца.

Авигејл Ајдан, четиригодишно девојче со израелско-американско потекло и Мухамед Ал-Авар, тинејџер кој помина 16 месеци во израелски затвор, се меѓу ослободените од завојуваните страни во последните денови.

Договорот вклучува четиридневен прекин на огнот, за време на кој Хамас вети дека ќе ослободи 50 од 240 заложници што ги заплени на 7 октомври во ненадеен напад, а Израел ќе ослободи 150 Палестинци од затвор.

Според договорот, на секои 10 дополнителни заложници ослободени од палестинските екстремисти, тие ќе добијат уште еден ден прекин на огнот.

Хамас досега ослободи 54 заложници, а од израелските затвори се ослободени 117 Палестинци.

Од почетокот на израелската одмазда во Појасот Газа, според палестински извори под управата на Хамас, загинале повеќе од 14.000 луѓе, меѓу кои и илјадници деца.

Во нападот на Хамас на 7 октомври, кој беше причина за континуираните напади на Израел врз Појасот Газа, загинаа 1.400 луѓе, а околу 240 беа киднапирани, тврди Тел Авив.

Пред почетокот на израелската копнена офанзива на Појасот Газа, Хамас ослободи само неколку заложници.

Меѓу ослободените заложници, кои ги држеше Хамас во Појасот Газа, има и странски државјани.

Додека Хамас и Израел групно ослободуваат затвореници, хуманитарните конвои со храна, лекови и гориво пристигнуваат во Појасот Газа.

Претставници на агенциите на Обединетите нации велат дека прекинот на огнот им дал на луѓето можност да бараат деца под урнатините и да ги закопаат мртвите во Појасот Газа.

Претходно, ОН ги обвинија и Израел и Хамас за воени злосторства.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП