„Народната банка особено ги цени, ги вреднува и ги поддржува иницијативите коишто ја поткрепуваат посилната вклученост на младите во целокупното општество. Спојувањето на финансиите и знаењето се важни за поттикнување на младите во бизнисот, искористувањето на нивниот потенцијал и потенцијалот на економијата во целина“, истакна вицегувернерката на Народната банка, Aна Митреска на настан во организација на Европската банка за обнова и развој, на кој се презентираа наоди од процената на пазарот спроведена во рамките на програмата на ЕБОР „Младите во бизнисот“.
Говорејќи за желбите на младите луѓе и фактичката состојба на пазарот на трудот, вицегувернерката Митреска истакна дека невработеноста кај младите во Европа е намалена во последната декада, од 20 % на 11 %, додека, пак, во македонската економија стапката исто така се намалува, но и натаму е значително повисока од таа во ЕУ и изнесува 25%. Таа истакна дека дури 45% од младите според анкетните истражувања на ЕК/ОЕЦД планираат да станат претприемачи по завршувањето на образованието, претпочитајќи да бидат самовработени. Сепак, само 5% од младите активно работат на развивањето бизниси во зародиш (стартап), а според официјалните статистички податоци само 6% од младите во ЕУ се самовработени. Притоа додаде: „Истражувањата укажуваат дека младите се соочуваат со посебни предизвици во пристапот до финансии бидејќи често се случува новите бизниси, вклучително и оние на младите луѓе, да останат надвор од периметарот на традиционалното банкарско финансирање поради недостаток на кредитна историја, недостаток на обезбедување, високи трансакциски трошоци и отсуство на соодветен финансиски инструмент“. Во обраќањето беше укажано дека е потребно вложување и во поддршката за развивање на бизнисот и зголемување на знаењата и вештините на младите лица, како и подобрување на пристапот до пазарите, структурите за институционална поддршка и правните аспекти коишто се исто така особено важни за деловната автономија на младите луѓе.

