Земјите од регионот на Западен Балкан секоја година губат околу 18% од БДП, поради родовиот јаз на пазарот на труд, при што две третини од загубата се објаснуваат со ниската стапка на активност на жените, а преостанатиот дел се должи на разликите во изборот на занимања помеѓу мажите и жените, посочи гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, повикувајќи се на студија на Светската банка, во своето излагање на панел-дискусијата на тема „Улогата и позицијата на жената во бизнис-светот, предности, предизвици и можности“, во организација на Амбасадата на Словенија во земјава. Таа истакна дека позитивниот ефект од намалувањето на родовиот јаз врз растот не би произлегол само од зголемувањето на работната сила, туку и од различните вештини и карактеристики на жените, кои можат да дадат поинаква квалитативна димензија на пазарот на трудот, како што се внимателноста во однос на ризиците, прагматичноста, емпатијата. Со подобрувањата во овој сегмент БДП може да се зголеми и до 10% во развиените економии, а дури и до 30% во земјите во развој“, порача Ангеловска-Бежоска.
Наведувајќи податоци за ефектите од пандемијата и останатите кризи по неа, гувернерката посочи на непропорционалното влијание врз различни економски и општествени сегменти од последователните кризи. Така, на почетокот на 2021 година, влошувањето кај стапката на вработеност кај жените во споредба со периодот пред пандемијата е значително поголемо во земјите во развој, отколку во развиените економии, што дополнително го продлабочило родовиот јаз во глобални рамки. Ист е и случајот со регионот на Западен Балкан, каде што се забележува посилен пад кај стапката на активност кај жените, којашто се сведе на 41,5% во просек за регионот, во споредба со 61,8% кај мажите. Состојбата во 2022 година се подобрува, малку поизразено кај жените во споредба со подобрувањето кај мажите, но кај нас и во Косово стапките на активност на жените сѐ уште се под нивото од пред пандемијата. Во регионот постои и значителен родов јаз во платите, во интервал од 7 до 16%, којшто кај дел од земјите бележи и тренд на проширување.

