4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЛагард: Глобалната економија се дели на конкурентни блокови

Лагард: Глобалната економија се дели на конкурентни блокови

Претседателката на Европската централна банка, Кристин Лагард изјави дека Европа се наоѓа во критичен момент, со деглобализација, тешки демографски процеси и сложена транзиција кон декарбонизација која се наѕира на хоризонтот.

„Постојат зголемени знаци дека светската економија се фрагментира на конкурентни блокови“, рече Лагард на Европскиот банкарски конгрес, цитирана од „CNBC“.

Истакнувајќи ја нејзината загриженост за Европа, таа рече дека постојаниот пад на работоспособното население изгледа ќе започне веќе во 2025-та година, при што климатските катастрофи се зголемуваат секоја година.

Нејзиниот предлог за решение на овие случаи е дека за краток временски период ќе бидат потребни огромни инвестиции кои бараат „генерациски напор“.

„Како што ќе се појават нови трговски бариери, ќе треба да ги преиспитаме синџирите на снабдување и да инвестираме во нови кои се побезбедни, поефикасни и поблиску до дома“, рече Лагард.

„Како што стареат нашите општества, ќе треба да имплементираме нови технологии за да можеме да произведуваме повеќе резултати со помалку работници. Дигитализацијата ќе ни помогне. Како што се загрева нашата клима, ќе треба да ја унапредиме еколошката транзиција без поголемо одложување“, додаде Лагард.

Вчера, за време на годишната конференција на Европскиот одбор за системски ризик, претседателката на ЕЦБ рече дека европските банки би можеле да претрпат значителни загуби доколку мораат да ги продадат сопствените обврзници за да соберат готовина.

Лагард додаде дека планираната зелена транзиција на блокот се проценува дека бара дополнителни инвестиции од 620 милијарди евра (672 милијарди долари) секоја година до крајот на деценијата и уште 125 милијарди евра годишно за дигиталната транзиција.

Сѐ уште се во тек разговорите за можното создавање на единствен пазар на капитал за Европа, кој би бил поблизок до оној на САД, наведува „Reuters“.

Во соопштението на ЕУ се вели дека официјалната цел е „да се префрлат парите, инвестициите и заштедите, низ ЕУ за да можат потрошувачите, инвеститорите и компаниите да уживаат во нив, без разлика каде се наоѓаат“.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП