8 мај, 2024
ПочетнаТЕХНОЛОГИЈАРекордно силна вселенска експлозија ја потресе атмосферата на Земјата

Рекордно силна вселенска експлозија ја потресе атмосферата на Земјата

Блесок светлина од новоформираната црна дупка на околу 2,4 милијарди светлосни години од нас ја погоди Земјата со таква сила што ја потресе горната атмосфера на планетата. Експлозијата на гама зраците GRB 221009A ги собори сите рекорди кога блесна во мракот на вселената во октомври 2022 година и беше прогласена за најсветлата вселенска експлозија досега снимена.

Научниците подоцна утврдиле дека овој настан бил толку моќен што предизвикал големи варијации во електричното поле на јоносферата на Земјата, на надморска височина од околу 500 километри.

„Во нашето истражување презентиравме докази за варијации во јоносферското електрично поле на растојание од околу 500 километри предизвикани од силен излив на гама зраци. Користејќи сателитски набљудувања и нов аналитички модел, успеавме да докажеме дека GRB 221009A длабоко влијаеше на спроводливоста на јоносферата на Земјата, предизвикувајќи силни нарушувања не само во долната, туку и во горната јоносфера“, велат експертите.

Гама зрачење и јоносферата

Гама зрачењето е најинтензивниот дел од електромагнетниот спектар. Фотоните со гама зраци имаат од милијарда до трилион пати повеќе енергија од фотоните во видливиот дел од спектарот, а тие се емитираат од високоенергетски настани како што се супернови и хипернови, како и помали енергетски настани, како што се сончевите блесоци, пишува Science Alert.

Овој тип на зрачење не треба да не загрижува секојдневно бидејќи Земјината атмосфера го апсорбира пред да стигне на површината. Но, понекогаш може да комуницира со атмосферата. Во ретки случаи, научниците ја снимиле интеракцијата на гама или Х-зраци со долната јоносфера на Земјата.

Јоносферата е слој од атмосферата на Земјата кој се протега на висина помеѓу 50 и 1000 километри, преклопувајќи неколку други атмосферски слоеви. Наречена е јоносфера затоа што е регионот каде што екстремното ултравиолетово и Х-зрачење на Сонцето ги јонизира атмосферските атоми и молекули, создавајќи куп слободни електрони.

Експлозијата на гама зраци траеше околу 7 минути, но ефектот врз атмосферата траеше околу 10 часа

Јоносферата ги рефлектира радио брановите што ги користиме за комуникација и навигација. Кога има силен излив на зрачење, како сончев одблесок, има промени во долната јоносфера. Научниците известуваат дека откривањето на GRB 221009A во октомври 2022 година било толку моќно што неговите ефекти би можеле да се споредат со сончевите блесоци.

Со оглед на тоа дека Сонцето е оддалечено 150 милиони километри од нас, и дека на светлината на GRB 221009A и биле потребни 2,4 милијарди светлосни години за да стигне до нас – тогаш можете да погодите која била јачината на експлозијата.

По анализата на сателитски податоци, астрофизичарот Мирко Пјерсанти од Универзитетот во Аквила и Националниот институт за астрофизика во Италија и неговите колеги открија значителни варијации во електромагнетното поле на високи јоносферски височини. Самиот блесок со гама зраци траеше околу 7 минути, но ефектот врз атмосферата траеше околу 10 часа.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП