1 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЖените во ЕУ сè уште заработуваат помалку од мажите, јазот не се...

Жените во ЕУ сè уште заработуваат помалку од мажите, јазот не се намалува

Жените во Европската унија сè уште заработуваат помалку од мажите – просечниот јаз во платите меѓу половите во ЕУ заклучно со 2022 година е 13 проценти, што значи дека за секое евро заработено од мажите, жените заработуваат само 87 евроценти.

Годинава европскиот ден за еднакви плати се паѓа на 15 ноември, што значи дека од тој симболичен датум до крајот на годината, жените „работат бесплатно“ во споредба со нивните машки колеги, пренесува Бета.

Тој ден треба да биде потсетник за продолжување на напорите за затворање на родовиот јаз, соопшти Европската комисија.

Во пресрет на „Денот на еднаква плата“, потпретседателката на Европската комисија за вредности и транспарентност Вера Јурова и комесарката за еднаквост Хелена Дали потсетија дека еднаква плата за еднаква работа е еден од основните принципи на кои ЕУ почива.

Тој принцип е дефиниран пред речиси 70 години, но се уште не е имплементиран, што само предупредува дека родовите стереотипи сè уште постојат и влијаат на животот на жените во сите области од животот, велат две членки на Европската комисија.

Јурова и Дали нагласија дека „ниту една компанија не смее да им плаќа на жените помалку ако нивните способности, напори што ги вложуваат, одговорноста и условите за работа одговараат на оние на нивните машки колеги“.

Сепак, Европската комисија презеде и конкретни, значајни мерки за промена на оваа ситуација, вклучително и директивата за работниот век и застапеноста на жените во органите на управување на компаниите, како и директивата за транспарентност на платите, која им овозможува на секој што се чувствува дискриминиран со плата може да оди на суд.

Комисијата изјави дека родовата еднаквост останува еден од нејзините приоритети. Таа започна и кампања која ќе ги посочи родовите стереотипи при изборот на кариера, грижата за семејството или во процесот на одлучување.

Во ЕУ како позитивен пример се издвојува Луксембург, кој, како што пренесуваат медиумите, успеал да ја намали разликата на 0,2 отсто.

Нееднаквоста во платите е често поприсутна во поразвиените европски економии отколку во економски помалку развиените земји, бидејќи во тие технолошки понапредни општества има повеќе вработени во ИТ секторот, инженерството или финансиските активности, кои се добро платени работни места во кои традиционално доминираат мажи.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП