Гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска ги претстави најновите макроекономски проекции на Народната банка пред дипломатскиот кор и пред претставниците на меѓународните институции. На настанот, којшто се организира редовно, по секој нов циклус макроекономски проекции на Народната банка, присуствуваа претставници на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Светската банка (СБ), Обединетите нации (ОН), Програмата за развој на ОН (УНДП), делегацијата на Европската Унија (ЕУ), како и на дипломатските претставништва на Албанија, Бугарија, Грција, Кина, Словачка, Словенија, Шведска, Унгарија, Франција, Холандија, Хрватска и Чешка.
Во презентацијата беше посочено дека во октомври годишната стапка на инфлација се сведе на 3,5% (во споредба со истиот месец од претходната година), со што и просечната инфлација за периодот јануари ‒ октомври забави. Очекуваме дека инфлацијата и натаму ќе забавува, а на среден рок, ако нема нови шокови, ќе се врати на историскиот просек од 2%. Проекциите за раст на економијата се совпаѓаат со априлските проекции, односно се очекува умерено забавување на економскиот раст во 2023 година и негово постепено засилување во следниот период. Се очекува дека македонската економија годинава ќе оствари раст од 1,9%, додека на среден рок, со подобрувањето на состојбите во надворешното окружување и очекувањата за спроведување на јавните инфраструктурни инвестиции, растот ќе забрза движејќи се во распон од 3 до 4%. Во однос на Надворешната позиција на економијата е значително подобра од очекуваната, во услови на стабилизирање на цените на светските пазари на примарните производи, со позитивен ефект врз девизните резерви коишто и натаму се во сигурната зона, што, пак, придонесува за натамошно јакнење на стабилноста на девизниот курс.

