8 мај, 2024
ПочетнаМАКЕДОНИЈАБегајте од пирамидалните шеми како од ѓавол – сведоштво на скопјанка која...

Бегајте од пирамидалните шеми како од ѓавол – сведоштво на скопјанка која паднала во замката

Пирамидалните шеми се едни од најстарите и најраспространетите облици на измама, кои се појавуваат во различни форми и варијанти, а во последно време се прилично популарни и во Македонија.

Тие се базираат на принципот на регрутирање членови, кои плаќаат одредена сума пари за да влезат во структурата, а потоа добиваат дел од парите од оние што тие ќе ги регрутираат и кои ќе бидат на пониско ниво од пирамидата.

На овој начин, пирамидата се шири и се зголемува бројот на учесници, кои се лоцираат на различни нивоа. Секој нов член има надеж дека ќе заработи повеќе од тоа што вложил, но за жал, тоа е невозможно, бидејќи пирамидата експоненцијално се зголемува и на крајот ќе достигне граница кога нема да има доволно нови членови за да се покријат сите исплати.

Тогаш пирамидата се руши и го остава мнозинството учесници без своите заштеди, додека само мал број на оние кои се наоѓаат на врвот на пирамидата можат дебело да заработат.

Еден од експертите за финансиски измами со којшто разговаравме ни објаснува како да ги препознаеме и како да се заштитиме од пирамидалните шеми.

Тој вели дека постојат некои заеднички карактеристики и знаци кои ни укажуваат дека станува збор за пирамидална шема.

„Ветување за нереално висок и брз поврат на инвестицијата, без ризик или труд. Недостиг на реален производ или услуга која се нуди или продава, или, пак, низок квалитет или вредност на истиот. Потреба од плаќање на влезна такса или членарина за да се стане дел од структурата, без да се добие ништо за возврат. Потреба од регрутирање на нови членови за да се заработи, без да се добие никаква обука или поддршка. Недостатиг на транспарентност и информации за организаторите, финансиските извештаи и правните аспекти на структурата. Притисок и манипулација од страна на организаторите или други членови за да се вложи повеќе пари или да се регрутираат повеќе луѓе. Отсуство на гаранција или можност за поврат на парите или исклучување од структурата. Ова се само дел од знаците кои укажуваат дека сте влезени во нешто поради коешто ќе се каете во иднина“, ни објасни тој.

Експертот советува да бидете внимателни и скептични кога некој ви нуди вакви „привлечни“ понуди и да не се водите по емоции или пријателство, туку по разум и докази.

Тој исто така препорачува да ги проверите изворите и кредибилитетот на организаторите, да побарате детални информации и документација за структурата и нејзиното функционирање, да не потпишувате никакви договори или обврски без да ги прочитате и разберете, да не вложувате пари кои не можете да си дозволите да ги изгубите и да не се плашите да кажете „не“ или да се откажете од учество.

Една од жртвите на пирамидалните шеми е и Билјана Соколевска, 45-годишна скопјанка, која пред неколку години била дел од една пирамидална шема.

Таа ни раскажува дека била привлечена од рекламите и препораките на своите пријатели, кои веќе биле вклучени во структурата и кои тврделе дека заработиле големи пари за кратко време.
Билјана вложила 500 евра за да стане членка и добила пристап до една апликација преку која требало да гледа реклами и да ги оценува, а за тоа да добива одреден процент од парите од рекламите.

„Една од задачите ми беше да регрутирам нови членови за кои ми следуваше дополнителен процент од заработката. На почетокот сè изгледаше добро и редовно ми стигнуваа пари на сметата, но по некое време почнав да се сомневам во веродостојноста на структурата. Апликацијата беше многу лошо направена и рекламите што ги оценував беа бесмислени и неквалитетни. Плус, организаторите постојано инсистираа да вложам поголеми пари, околу 10.000 евра, за да станам дел од ВИП групата, која има пристап до пософистицирани апликации преку кои се заработуваат поголеми пари. Тогаш се откажав од учеството и сакав да си ги повлечам парите што веќе ги имав вложено, ама не ми дозволија. Апликацијата веќе не постоеше, а исчезна и можноста за контактирање со организаторите, бидејќи со нив разговарав само онлајн. Бев многу лута и се каам поради тоа што не бев внимателна и дозволив да ме измамат. Затоа, апелирам до луѓето да не паѓаат во истата замка и да не дозволуваат да бидат експлоатирани од оние кои сакаат да се збогатат на нивна сметка“, објаснува Соколевска.

Пирамидалните шеми се сериозен и опасен проблем, кој може да има тешки последици за финансиската и психичката состојба на граѓаните.

Затоа, треба да бидеме информирани, свесни и одговорни кога станува збор за нашите пари и нашето учество во вакви структури. Не смееме да дозволиме да бидеме понесени од лажни ветувања и да ризикуваме да ги изгубиме своите заштеди, советуваат експертите и додаваат: „Пирамидалните шеми не се начин за заработка, туку за измама“.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП