28 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЗаробуваш 50 денари, па добиваш количка за пазарење – каква порака им...

Заробуваш 50 денари, па добиваш количка за пазарење – каква порака им испраќаат големите маркети на своите муштерии?

Во последно време, некои од поголемите супермаркети во земјава започнаа да практикуваат „платено изнајмување“ на количките за пазарење.

Ова значи дека потрошувачите треба да „заложат“ монета од 50 денари додека ја користат количката, а паричката повторно ќе си ја земат кога ќе ја вратат количката на одреденото место.

Оваа пракса беше воведена од страна на еден голем ланец на супермаркети во Македонија, а и други конкуренти најавуваат дека наскоро ќе го сторат истото.

Целта на оваа мерка е да се намали бројот на загубени или оштетени колички, кои често се оставаат на паркингот или на други несоодветни места.

Според вработените во супермаркетите, ова им помага полесно да го одржуваат редот на количките.
„Бевме принудени да ја воведеме оваа пракса поради тоа што во минатото муштериите не ги враќаа количките на своето место, туку ги оставаа на паркингот. Сега, сите сакаат да си ги вратат паричките, па со тоа ги враќаат и количките на одреденото место“, вели Марина, вработена во еден од супермаркетите.

Но, не сите потрошувачи се задоволни со овој новитет.

Некои од нив го сметаат тоа за непотребно губење време. Тие тврдат дека не секогаш имаат метална монета од 50 денари во џебот, а кога одат на пазарење со повеќе членови од фамилијата, потребни им се повеќе колички.

„Токму поради овој новитет започнав да го одбегнувам овој супермаркет, бидејќи не секогаш имам монета од 50 денари во џебот, а кога одам на месечно пазарење со својата сопруга, потребни ни се најмалку две колички. Затоа, сега одам во супермаркетот отспротива, бидејќи таму количките се слободни“, вели Горан, средовечен скопјанец.

Тој вели дека ваквата одлука на супермаркетот во најмала рака е навредувачка за чесните купувачи.

„Штом од мене бараат да заложам 50 денари за количката, тоа значи дека немаат доверба во мене и сметаат дека сум крадец и дека ќе им ја украдам количката. Јас друго објаснување не гледам. Па, штом имаат такво мислење за мене, тогаш нема повеќе да соработуваме“, коментира нашиот соговорник.

Дали платените колички за пазарење се нов тренд или непотребна напорност? Одговорот можеби зависи од тоа колку вреди една монета од 50 денари за вас. Но едно е сигурно: ова е уште една промена со која треба да се прилагодиме во иднина.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП