30 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКој (не) сака да биде Дедо Мраз за дневница од 1.500 денари?

Кој (не) сака да биде Дедо Мраз за дневница од 1.500 денари?

Со приближувањето на новогодишните празници, на социјалните мрежи се вртат огласи преку кои се бараат лица кои сакаат хонорарно да работат како Дедо Мраз.

Дневницата за оваа улога изнесува 1.500 денари, а работата подразбира неколкучасовно работење, секој ден, вклучително и викендите.

Еден од работодавачите, кој поседува монтажно новогодишно студио за фотографирање, напиша:
„Бараме луѓе кои ќе бидат Дедо Мраз. Работата започнува во 18 часот на главниот плоштад во Скопје и трае до 22 часот. Важно е Дедо Мраз да биде постојано насмеан и расположен и да ги привлекува децата за фотографирање”.

Овие огласи отвораат можност за забавна и креативна работа во празничниот дух, нудејќи шанса за дополнителен приход.

Побарувачка на Дедо Мразовци има и во другите помали градови низ Македонија.

Во Прилеп, на пример, работодавачот кој бара Дедо Мраз се жали дека никој не се пријавува.

„Градот е празен. Сите луѓе се заминати во странство на печалба, па не остана некој што сака да биде Дедо Мраз за мали пари”, кажа тој.

Според последниот попис, општина Прилеп имала 63.308 жители, но се очекува дека тој број е значително намален поради емиграцијата. Можеби затоа е тешко да се најде некој што ќе ги исполни очекувањата на дечињата во градот под Марковите Кули.

Денар разговараше со сопственик на фото-студио од Прилеп, кој веќе подолго време бара човек кој ќе сака да ја преземе улогата на Дедо Мраз за време на новогодишните празници.

Тој објаснува дека една фотографија со Дедо Мраз чини 300 денари, а судејќи според ланската година, во една вечер се фотографираат најмалку 15 деца.

„Заработувачката од 4.500 денари на ден е задоволителна, бидејќи 1.500 денари добива Дедо Мраз, па мене ми остануваат чисти 3.000 денари”, кажа тој.

Нашиот соговорник додава дека работата како Дедо Мраз не е лесна, но истовремено е и многу забавна.

„Дедо Мраз мора да биде толерантен и добронамерен кон децата, да ги слуша нивните желби и да им дава подароци. Но исто така тој треба искрено да ужива во нивната радост и во празничната атмосфера”, рече фотографот.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП