Ескалацијата на последниот конфликт на Блискиот Исток во најлошото сценарио може да ја зголеми цената на нафтата до 157 долари за барел, се вели во најновата прогноза на Светската банка (СБ) за пазарот на суровини објавена денеска.
Извештајот дава прелиминарна проценка на потенцијалните краткорочни импликации од конфликтот на пазарите на стоки. Според веб-страницата на Светска банка, ефектите од конфликтот врз цената на стоките ќе бидат ограничени доколку конфликтот не се прошири.
Според основната прогноза на СБ, просечните цени на нафтата во тековниот квартал ќе бидат 90 долари за барел, а следната година ќе паднат на 81 долар за барел поради забавувањето на економскиот раст. Доколку конфликтот меѓу Израел и палестинското движење Хамас се разгори и се прошири, СБ предвидува три сценарија.
Во сценариото за „мал прекин“ во снабдувањето, глобалните резерви на нафта би се намалиле за 500.000 до два милиони барели дневно – приближно еднакво на падот забележан за време на либиската граѓанска војна во 2011 година.
Според ова сценарио, цената на нафтата првично би се зголемила меѓу три и 13 отсто во споредба со просекот за тековниот квартал – во опсег од 93 до 102 долари за барел.
Доколку се оствари сценариото за „средно нарушување“, кое е приближно еквивалентно на последиците од војната во Ирак во 2003 година, глобалните резерви на нафта би се намалиле за три до пет милиони барели дневно.
Тоа првично би ги зголемило цените на нафтата за 21 отсто до 35 отсто на меѓу 109 и 121 долари за барел.
Сценариото за „големо нарушување“, споредливо со арапското нафтено ембарго од 1973 година, предвидува намалување на глобалните резерви на нафта за шест до осум милиони барели дневно.
Во тој случај цените би се зголемиле за 56 до 75 отсто и би се движеле меѓу 140 и 157 долари за барел.
„Доколку конфликтот се разгори, глобалната економија ќе се соочи со двоен енергетски шок за прв пат по децении – не само поради војната во Украина, туку и поради Блискиот Исток“, предупреди главниот економист на Светската банка, Индермит Гил.