Банката не смее да наплаќа надоместоци за затворање на платежната сметка, ниту, пак, надоместоци за затворање дебитни или кредитни картички, доколку рамковниот договор којшто го има граѓанинот со банката е постар од шест месеци. Банката е должна веднаш да ја затвори сметката на барање на граѓанинот, или, пак, доколку во договорот е предвиден отказен рок, најдоцна во рок од 30 дена, објаснува директорот на Дирекцијата за платни системи при Народната банка, Игор Величковски, во интервју за Македонското радио.
Величковски посочува дека доколку банката им наплати на граѓаните надоместок за затворање на платежната сметка или доколку некоја ставка од тарифниците на банката ги наведе граѓаните на мислење дека им е наплатено за затворање сметка, тие треба да реагираат до банката, бидејќи тоа е без надоместок, исто како и затворањето дебитна или кредитна картичка. „Граѓаните имаат право да поднесат приговор до банката, а потоа и поплака до Народната банка, којашто ќе ја разгледа поплаката и ќе контактира со банката, а потоа соодветно ќе го извести граѓанинот дали приговорот којшто го поднесол е соодветен и ако е, ќе ѝ даде насоки на банката да постапи според приговорот“, посочува директорот.

