Хрватска е една од најпосетените туристички дестинации во Европа, со над 20 милиони посетители годишно. Туризмот е главен извор на приходи за земјата, која има богата понуда на хотели, ресторани, кафулиња и други угостителски објекти.
Но, за да ги задоволи потребите на туристите, Хрватска има и голема потреба од квалификуван и искусен персонал во угостителството.
Поради високите плати и добрите услови што им се нудат на работниците, голем број готвачи, келнери и шанкери од Македонија редовно заминуваат на сезонска работа во Хрватска. Тие обично заминуваат на печалба пред почетокот на летната сезона и се враќаат по завршувањето на летото.
Меѓутоа, работите очигледно почнуваат да се менуваат, па сега Хрватска има потреба од работниците од Македонија во текот на зимата.
Димитар Петровски е скопјанец кој секое лето заминува во Хрватска и работи како главен готвач во елитен ресторан во Ровињ.
Тој ни раскажува дека работата во Хрватска му овозможува да заработува над 3.000 евра месечно, што е значително повеќе од тоа што може да заработува во Македонија.
„Работам во Хрватска од 2019 година и сум многу задоволен од условите и од платата. Работодавачот ми обезбедува сместување, храна и пријава на целата сезона. Работам од 10 до 12 часа дневно, но не ми пречи тоа бидејќи ја обожавам работата што ја работам. Имам можност да готвам разновидни јадења со свежи состојки и да импровизирам со нови рецепти. Клиентите се претежно странци, кои вистински ја ценат квалитетната храна. Добивам и комплименти и бакшиш за мојата работа“, вели Петровски.
Тој додава дека планира повторно да замине во Хрватска штом има побарувачка од страна на работодавачот, кој му ветил дека и по летото ќе има потреба од угостителски персонал.
„Сезоната во Хрватска не завршува со крајот на летото. Има и многу туристи кои доаѓаат во есен и зима, особено во големите градови и на островите. Ресторанот во кој работам е отворен цела година и има постојана понуда на храна и пијалаци. Работодавачот ми рече дека ако сакам да продолжам да работам кај него, ќе ми издаде нова дозвола за работа и престој. Јас сум заинтересиран за тоа, бидејќи тука во Македонија немам перспектива да најдам таква работа“, кажува Петровски.
Според него, многу од неговите колеги од Македонија кои работат во угостителството во Хрватска имаат слични искуства и мислења.
Тие сметаат дека Хрватска им нуди подобри можности за развој на своите професионални вештини и за зголемување на своите приходи.
Во меѓувреме, на огласниците во Македонија почна да кружи оглас преку кој се бара угостителски персонал кој ќе работи во Хрватска преку зимата.
„Ресорт со 5 ѕведички во Хрватска. За потребите на својот клиент, ги објавуваме следните слободни места: кувар, су шеф, помошници за кујна, персонал за миење садови, шанкер, келнер, помошник келнер. Кандидатите е потребно да имаат македонски пасош, соодветно образование, претходно работно искуство, потребно е да поседуваат одлични комуникациски способности, како и да бидат позитивни и одговорни. Добивате платено сместување, два оброка, пријавени ќе бидете цела сезона и ќе добиете одлични стимулативни примања“, се вели во огласот.
Б.З.М.