2 мај, 2024
ПочетнаМАКЕДОНИЈАЦела Македонија поправа заби во Тетово – цените се двојно пониски, а...

Цела Македонија поправа заби во Тетово – цените се двојно пониски, а квалитетот ист

Сѐ повеќе скопјани ги поправаат забите во Тетово затоа што цените на стоматолошките услуги во овој град се двојно пониски отколку во главниот град.

Најчесто одат пензионери кои ставаат вилици, прават мостови, но и многу студенти кои ставаат протези за исправување на забите.

Една од нив е и Стефанија Атанасова, студентка по право од Скопје, која во Тетово ставила фиксна протеза на забите за само 300 евра, додека во Скопје ѝ побарале 600 евра за истата услуга.

„Јас сум многу задоволна од квалитетот и професионализмот на стоматолозите во Тетово. Забите ми изгледаат убаво и чувствувам повеќе самодоверба. Цената беше половина од она што ми бараа во Скопје, така што сметам дека се исплати да одам таму”, рече Атанасова.

Во Тетово велат дека имаат голем интерес за нивните услуги не само од Скопје, туку и од други делови на Македонија, како и од Косово и од Албанија.

„Ние работиме со современа опрема и материјали и ги следиме најновите трендови во стоматологијата. Нашата предност е што нудиме пониски цени отколку во другите градови, но не го намалуваме квалитетот. Задоволни сме поради тоа што имаме многу клиенти кои нè препорачуваат на своите пријатели и роднини”, ни изјави стоматолог во една од приватните ординации во Тетово.

Една од пензионерките кои ги поправиле забите во Тетово е и Десанка Мазнева од населбата Ѓорче Петров во Скопје. Таа во Тетово ставила нова вилица и вели дека заштедила најмалку 200 евра.

„Многу сум среќна што го направив ова. Забите ми беа во лоша состојба и не можев да јадам нормално. Во Скопје ми бараа 800 евра за нова вилица, а во Тетово ми направија за 600 евра. Тоа е голема разлика за мене, бидејќи живеам од пензија”, изјави пензионерката.

Таа додаде дека патувала во Тетово со комбе и дека само транспортот ја чинел 200 денари за едно одење, но тоа, како што вели, не се големи пари.

„Јас одев трипати во Тетово, еднаш за преглед, еднаш за ставање на вилицата и уште еднаш за поправка. Значи, потрошив 600 денари за превоз, што не е многу. Според мене, се исплати да одам таму, затоа што забите се многу важни за здравјето и за изгледот”, изјави Мазнева.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП