27 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСамо за уште ваков бизнис немавме чуено - прилепчанец продава „добитни“ комбинации...

Само за уште ваков бизнис немавме чуено – прилепчанец продава „добитни“ комбинации за лото

„Се продаваат ЛОТО 7/37 условни или безусловни системи со големи гаранции за добивки. Цена: 700 денари. Плаќате при преземање од пошта“.

Ваков оглас деновиве постојано се врти на социјалните мрежи, а објавен е од извесен Боро од Прилеп.

Тој објаснува дека не станува збор за класични добитни комбинации, туку за скратени условни или безусловни системи со голема гаранција за добивка.

„Броевите сам си ги одредуваш и си ги заменуваш според шемата од професионалниот систем. На пример, одбираш да играш систем со 10 броеви и 8 комбинации, па можеш твоите броеви кои си ги одбрал да си ги наредиш по аритметички редослед. По аритметички редослед 1(4), 2(8), 3(10), 4(24), 5(27), 6(28), 7(30), 8(31), 9(33), 10(37), па прва комбинација од системот е 1, 2, 3, 4, 5, 6, 7 и ти ги пишуваш броевите во заградите под редните броеви од комбинацијата, а тоа се: 4, 8, 10, 24, 27, 28, 30. И така продолжувате со уште 7 комбинации бидејќи системот има вкупно 8 комбинации. Целта на скратениот систем е со помал број на комбинации да дојдете до вредна добивка, па и премија 7-ка на ЛОТО. Сликовито кажано, со систем ви е како да ловите риба со мрежа, бидејќи според законот на веројатноста со повеќе комбинации имате поголеми шанси за добивка. Ако играте без систем, тоа е како да ловите риба со јадица“, објаснува огласувачот Боро.

Тој дури им нуди и нотарска заверка на потенцијалните купувачи.

„За сите што се сомневаат дека е измама, системите се авторизирани и публицирани. Добивате и гаранција за добивката, а броевите сами си ги бирате. Гаранцијата може да биде заверена на нотар, а заверката си ја плаќате вие“, порачува прилепчанецот.

Секако, ваквиот оглас наиде на безброј негодувања кај граѓаните, па на социјалната мрежа Фејсбук се разви широка дебата дали ваквиот чуден начин на заработка може да се смета за измама или за чесен бизнис.

„Падна заработката со дојави за местени фудбалски натпревари, па сега луѓето почнаа да продаваат и лото комбинации. Само уште ова го немав слушнато. За ваков бизнис никогаш не би ми текнало. Но, го поддржувам човекот и му посакувам убав и среќен бизнис, бидејќи овој македонски народ само ова го заслужува – некој постојано да го стриже“, напиша извесен Влатко од Скопје.

Други, пак, го прашаа огласувачот зошто воопшто ги продава „добитните“ комбинации кога веќе може самиот да ги уплати и да добие вредни награди, па и да освои лото.

„Ако имаш добитни комбинации за лото, тогаш самиот ќе си ги уплатиш, а нема да ги продаваш за смешни 700 денари. Ова е чиста измама“, напиша друг корисник.

На оваа тема разговаравме со психологот Сања Љубеновиќ, која вели дека нискиот стандард, скапотијата и сиромаштијата најчесто ги принудуваат луѓето да смислуваат нови, па дури и чудни начини за заработка.

„Зошто никој не продава добитни комбинации за лото во Шведска или Швајцарија. Воопшто не е случајно тоа што ваквите огласи се појавуваат во Македонија и воопшто на Балканот. Луѓето кои измислуваат чудни начини на заработка, како на пример продавањето фалсификувани производи, обезбедувањето нелегални услуги или учествувањето во пирамидални шеми, честопати имаат одредени психолошки карактеристики кои ги поттикнуваат да прават такви одлуки. Една од нив е потребата за брз и лесен успех, без да се земе предвид ризикот или последиците за себе и за другите. Ова може да биде поврзано со ниска самодоверба и несигурност. Друга карактеристика е способноста за рационализација, односно оправдување на своите постапки со различни изговори или извртување на фактите. На пример, тие може да сметаат дека немаат друг избор, дека прават нешто добро за себе или за другите, или дека сите други го прават истото. Трета карактеристика е недостаток на емпатија или морална одговорност за своите жртви. Тие може да ги сметаат луѓето кои ги измамуваат како глупави, лесноумни или незаслужни за своите пари. Тие може да не го чувствуваат страдањето или штетата која им ја нанесуваат на другите“, објаснува Љубеновиќ.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП