2 мај, 2024
ПочетнаМАКЕДОНИЈАСтопански Двор прераснува во елитна населба – цената на квадратот достигнува и...

Стопански Двор прераснува во елитна населба – цената на квадратот достигнува и до 70 евра

Скопската населба Стопански Двор, која се наоѓа на околу 10 километри од центарот на градот, во последно време доживува вистинска трансформација.

Од некогашна непопуларна и заборавена локација, таа сега се претвори во една од најпосакуваните елитни населби во Скопје.

Цената на квадратот во Стопански Двор достигнува и до 70 евра, што е значително повисоко од просечната цена во овој дел на градот.

Продажбата на плацеви и изградбата на нови куќи е масовна, а побарувачката е огромна.

Една од причините за оваа популарност е тоа што населбата се наоѓа на височинка и загаденоста во текот на зимите е многу помала од онаа во другите делови на градот.

Освен тоа, населбата има добра инфраструктура, се наоѓа во близина на обиколницата, а има и убава природа.

Денар разговараше со скопјанец кој во моментов гради куќа во Стопански Двор.

„Јас сум роден и пораснат во центарот на Скопје, но отсекогаш сум сакал да живеам во мир и во тишина. Стопански Двор ми нуди сè што барам – чист воздух, прекрасен поглед, удобност и луксуз.

Јас сум многу задоволен со мојот избор и верувам дека ова е идеалното место за мене и за моето семејство“, истакна тој.

Разговаравме и со пензионерот Борислав, кој веќе 25 години живее во оваа населба. Тој за нашиот портал изјави:

„Многу сум среќен што живеам во Стопански Двор. Ова е место каде што можеш да уживаш во мир и тишина, без бучава и депонии. Ова е одлично место за живот со мали деца, бидејќи имаат простор за игра и забава. Јас имам две внучиња кои често доаѓаат кај мене и се радувам кога ги гледам како си играат во дворот“, ни изјави Борислав.

Тој додаде дека пред неколку години продал еден од своите плацеви и заработил убави пари.
„Пред неколку години го продадов мојот плац од 500 квадрати по цена од 50 евра за квадрат. Тоа беше добра понуда, но сега жалам што го направив тоа. Цената на квадратот сега е многу повисока и плацевите се реткост. Но, јас не планирам да се откажам од мојата куќа во Стопански Двор. Ова е мојот дом и многу го сакам“, истакна пензионерот.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП