Меѓународниот монетарен фонд ги подобри очекувањата за растот на македонската економија со есенските проекции. Во Светскиот економски преглед, кој Фондот го објави вчера, растот на домашната економија за 2023 година е проектиран на 2,5% или за 1,1 процентен поен повисоко во однос на проекциите на ММФ од април годинава. Во однос на стапката на инфлација, ММФ очекува истата да продолжи да се намалува годинава и следната година, додека во 2025 година истата би се вратила на историски ниските вредности од околу 2% и би се задржала на тоа ниво следните години.
Проекцијата на ММФ за раст на македонската економија е блиска до проекцијата при подготовката на Нацрт-Буџетот за 2023 година. Интересно е дека ММФ ги подобрува значајно изгледите за домашната економија за годинава, истовремено кога минимално ги намалува проекциите на нашите најголеми трговски партнери – еврозоната и Германија на 0,7% и -0,5% во 2023 година, што укажува на поголема отпорност и подобри перформанси на економијата, имајќи го предвид неповолното влијание од окружувањето.

