Претставниците на Федералните резерви на САД најавуваат дека монетарната политика ќе мора да остане затегната „некое време“ за да ја врати инфлацијата во целниот опсег од два проценти. Истовремено меѓу нив се води дебата за уште едно можно зголемување на каматите годинава.
Претседателот на ФЕД, Џером Пауел, во понеделникот го посети Јорк, Пенсилванија, каде што се сретна со сопственици на мали бизниси кои се борат со инфлацијата, високите каматни стапки, недостигот на работна сила и другите предизвици на постпандемиската економија, пренесува АП.
Подготвувајќи се за средбата со шефот на американската централна банка, претприемачите изразија желба да му предложат намалување на каматните стапки, но Пауел не ја коментираше моменталната монетарна политика или економските изгледи, туку нагласи дека економијата се уште се соочува последиците од пандемијата.
„Ние сè уште поминуваме низ другата страна на пандемијата“, рече Пауел. Тој го истакна недостатокот на работна сила во здравствениот сектор, тековните потешкотии во обезбедувањето грижа за децата, како и други прашања кои се влошени со здравствената криза.
Членот на Советот на гувернери на Банката на федерални резерви, Мишел Бауман, во посебен настан рече дека и покрај значителниот напредок, инфлацијата останува превисока и дека очекува дека најверојатно ќе биде соодветно ФЕД дополнително да ги зголеми каматните стапки и да ги задржи на рестриктивни нивоа за некое време, пренесува Ројтерс.
Инфлацијата во САД, мерена со индексот на потрошувачките цени, падна од околу девет отсто минатата година на околу 3,7 отсто на последното читање, барем делумно забавувајќи го растот на каматните стапки на ФЕД, кои се на 5,25 отсто.