3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАГрција ја поскапува туристичката такса – едно четиричлено семејство ќе плаќа 6...

Грција ја поскапува туристичката такса – едно четиричлено семејство ќе плаќа 6 евра на ден

Грција, една од најпосетените дестинации за одмор во Европа, најави дека ќе ги зголеми туристичките такси за сите видови на сместување од 1 јануари 2024 година.

Оваа одлука е дел од планот на грчката влада да собере повеќе приходи за развој на економијата и подобрување на инфраструктурата која беше делумно уништена во невремето „Даниел“.

Според новата тарифа, туристите во Грција ќе плаќаат 1,5 евра дневно за изнајмена приватна соба, наспроти претходните 0,50 евра дневно. За хотелите со три ѕвезди туристите ќе треба да одвојат 3 евра од ден за соба, наспроти претходните 1,50 евра. За хотел со четири ѕвезди ќе се плаќа туристичка такса од 7 евра, наспроти претходните 3 евра и за хотел со пет ѕвезди ќе се плаќа 10 евра од ден за соба, наспроти претходните 4 евра.

Оваа мерка предизвика негодување кај многу туристи, особено кај оние од регионот, кои често ги посетуваат грчките плажи.

На социјалните мрежи многу луѓе се изразија незадоволство од новите цени и најавија дека идната година можеби ќе го прескокнат одморот во Грција.

„Ова е премногу. Претходно плаќавме 0,5 евра дневно за апартман за четири лица, а сега ќе плаќаме три пати повеќе само за туристичка такса”, напишал Зоран Милошевиќ, Србин кој често оди на одмор во Грција.

Слично мислење дели и Симона Темелковска, скопјанка која исто така е вљубена во грчките плажи.

„Најавеното поскапување во Грција е превисоко. Ќе размислам да си уплатам одмор во Турција или во Египет наредната година. Моето семејство брои 4 членови, а тоа значи дека 10-дневно хотелско сместување во една соба на островите во Грција би можело да нѐ чини дополнителни 70 до 100 евра“, реагира Темелковска.

Меѓутоа, грчката влада смета дека новите такси се разумни и дека нема да имат негативно влијанието врз туризмот.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во својот годишен говор одржан во Солун, по невиденото невреме „Даниел“ во кое загинаа 17 лица, како и претходните големи пожари, истакна дека веќе е формиран посебен фонд за елементарни непогоди, во кој износот ќе се удвои од 2024 година, на 600 милиони евра. 

Дополнителни 300 милиони евра, рече тој, ќе се обезбедат од зголемувањето на дневната туристичка такса, особено во луксузните хотели.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП