6 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСтабилниот пазар на труд во Германија пука бидејќи расте невработеноста

Стабилниот пазар на труд во Германија пука бидејќи расте невработеноста

Невработеноста во Германија порасна во септември, но за помалку од очекуваното, знак дека досега стабилниот пазар на труд почна да пука.

Сојузната агенција за вработување во петокот соопшти дека бројот на луѓе без работа во Германија се зголемил за 10.000, според сезонски приспособени податоци, на 2,642 милиони. Аналитичарите анкетирани од „Reuters“ очекуваа нивниот број да порасне за 15.000 луѓе.

Побарувањата за надоместоци за невработени растат осми месец по ред. „Се сомневаме дека овој тренд ќе продолжи и очекуваме понатамошен раст на невработеноста да ја поттикне повисоко во наредните месеци“, рече Мелани Дебоно, виш економист за Европа во „Pantheon Macroeconomics“.

Сезонски приспособените бројки за невработеноста покажаа дека таа се одржува стабилно на 5,7% во септември.

Според необработените податоци, бројот на луѓе без работа се намалил за 69 илјади на 2,627 милиони.

„Податоците за пазарот на трудот покажуваат дека тој останува стабилен и покрај сегашното економско опкружување“, изјави германскиот министер за труд Хубертус Хајл. Сепак, тој истакна дека вообичаеното закрепнување на пазарот на труд, кое се очекува наесен, годинава ќе биде послабо.

Во септември имаше 761.000 слободни работни места, што е за 113.000 помалку од пред една година, соопшти Федералната агенција за вработување, забележувајќи забавување на побарувачката на работна сила.

Подготвеноста на германските компании да вработат нов персонал опадна во септември, покажаа податоците од Институтот „Ifo“ во средата. Индикаторот што ја мери оваа склоност падна на 95,8 во септември од 97,0 во август, што е најниско ниво од февруари 2021-ва година, поради недостаток на нарачки бидејќи трговскиот, градежниот и услужниот сектор, исто така, го загубија својот импулс, коментира „Ifo“ во соопштението.

Се верува дека германската економија е изложена на ризик да падне во својата втора рецесија за една година по падот во последниот квартал од 2022-ра година и првиот квартал од 2023-та година.

„Подготвеноста на компаниите да вработуваат нов персонал веројатно повторно ќе се зголеми откако ќе закрепне економијата“, рече шефот на истражувањето на „Ifo“, Клаус Волраб.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП