2 мај, 2024
ПочетнаМАКЕДОНИЈАОтворени средби на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација во Прилеп...

Отворени средби на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација во Прилеп и Шуто Оризари

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) продолжува со отворените средби со граѓаните, претставниците на граѓанскиот сектор и на локалните институции. Во текот на оваа работна недела планирани се две отворени средби. Првата ќе се одржи утре (среда, 27 септември 2023) во салата на градската библиотека „Борка Талески“ во Прилеп, а втората в четврток, 28 септември 2023, во зградата на скопската општина Шуто Оризари.

На овие отворени средби, кои се реализираат со поддршка од Мисијата на ОБСЕ во Скопје, присутните граѓани ќе имаат можност, преку директна комуникација со членови и вработени во Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, да се запознаат со надлежностите и начинот на работа на ова независно институционално тело задолжено за промоција на еднаквоста, унапредување на човековите права и спречување и заштита од секаков вид дискриминација.

Истовремено, овие средби нудат дополнителна можност за продлабочување на соработката со граѓанскиот сектор и институциите на локално ниво, заради навремено препознавање на сите облици на дискриминација, како и унапредување на меѓусебната комуникација и соработка, со цел за нејзино ефикасно сузбивање.

„Исклучително сме задоволни од одзивот и интересот што го покажаа граѓаните, организациите и локалните институции кои зедоа учество во досегашните отворени средби што ги организиравме во неколку општини. Тие ни покажаа дека постои навистина голема потреба, преку ваквиот вид отворена, директна комуникација, да ги охрабриме граѓаните и да им објасниме како да препознаат и пријават различни облици на дискриминација, што секако е првиот чекор кон нивното ефикасно спречување и искоренување“, велат од КСЗД.

Покрај заштитната улога и постапување по претставки од граѓаните, како и по службена должност, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација има и превентивна улога, која ја спроведува преку едукација и соработка со граѓански организации, државни институции и институции на локално ниво. Токму овие отворени средби се еден од начините за исполнување на ваквата превентивна улога на КСЗД. Покрај претстојните отворени средби во Прилеп и Шуто Оризари, во текот на следниот месец планирано е одржување на уште два вакви настани.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП