2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАБерберите си ги покачија цените, а народот кој го шиша

Берберите си ги покачија цените, а народот кој го шиша

Традиционалните машки бербери во руралните делови на Македонија беа принудени да ги зголемат цените на услугите, а таа нивна одлука очигледно предизвика големо незадоволство кај граѓаните.

За разлика од лани и преклани кога едно шишање чинеше само 70 денари, оваа година истата таа услуга е зголемена за цели 100% и изнесува 150 денари.

Со ова поскапување скоро и да се изедначи ценовникот на традиционалниот машки бербер со ценовникот на оние градски и модерни салони каде што шишањето чини 200 до 250 денари.

Берберите се правдаат дека ја поскапиле услугата поради тоа што поскапела струјата и киријата.

Еден од нив, чиј берберски дуќан се наоѓа во скопската населба Волково, ни изјави:

„Не можам да работам со загуба. Струјата и киријата ми се зголемени за 50% во последните две години. Ако не ја зголемам цената за шишање, ќе морам да го затворам дуќанот. Особено е тешко во зимските месеци кога е потребно греење, а се греам на инвертер клима и плаќам високи сметки за стрја. Исто така, до преклани киријата изнесуваше 50 евра, а сега е 120 евра. Животот стана премногу скап, па ние мораме да се прилагодиме на новата реалност ако сакаме да преживееме“, ни изјави берберот.

Но, граѓаните со коишто разговаравме не се согласуваат со ова негово образложение.

Тие велат дека селските бербери не нудат ист квалитет на услуга како градските салони, и дека треба да имаат пониска цена.

Еден од нив, кој се претстави како Петар, ни изјави:

„Ова е безобразно. Јас не плаќам само за шишање, туку и за амбиент, хигиена и професионализам, а селските бербери воопшто не вложуваат за развој на својот бизнис. Научиле три фризури кои биле популарни пред 30 години и само така нѐ шишаат. Не велам дека тоа е лошо, но таквата услуга не може да чини повеќе од 70 денари, а не, пак, 150 денари. Па ќе додадам уште 100 денари и ќе појдам во некој машки фризерски салон во Центар и ќе ми направат фризура каква што јас сакам“, посочи Петар.

Според познавачите, ова е резултат на инфлацијата и економската криза која ја погодува Македонија во последно време.

Исто така, тие велат дека селските бербери се изложени на конкуренција од страна на новите франшизни салони кои нудат поповолни цени и поквалитетна услуга.

Затоа, тие предвидуваат дека многу од селските бербери ќе треба да се прилагодат на пазарот или да го затворат својот бизнис.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП